Рекордни 7 милијарди долари отштета за загинатите 270 рудари во Бразил – ММС
ММС

Објавено на: 02/5/21 9:22 AM

Рекордни 7 милијарди долари отштета за загинатите 270 рудари во Бразил

Властите во југоисточен Бразил соопштија дека е постигнат договор со една од водечките компании за ископување железна руда во светот за исплата на обештетување во врска со катастрофата на 25 јануари 2019 година. Тоа, како што се истакнува, е највисокиот договор за таква отштета некогаш постигнат во Јужна Америка.

„Вредноста на договорот одговара на проценката и може да се зголеми доколку е потребно“, се вели во соопштението.

Бразилскиот конгломерат „Вале“ се согласи да исплати повеќе од седум милијарди американски долари отштета на семејствата на жртвите од рударската катастрофа во сојузната држава Минас Жераис, во која пред две години загинаа 270 луѓе.

Во уривањето на браната за задржување на отпадот од рудникот, се ослободија милиони тони минерални остатоци, предизвикувајќи и катастрофа на флората и фауната.

„Вале“ ќе треба да финансира и деконтаминација на реката Параопеба и пошумување на поплавената област со автохтони дрвја и растенија.