Министерката за финансии на САД: Mора да сме сигурни дека пазарите функционираат правилно – ММС
ММС

Објавено на: 02/4/21 10:20 PM

Министерката за финансии на САД: Mора да сме сигурни дека пазарите функционираат правилно

Министерката за финансии на Соединетите Американски Држави (САД), Џенет Јелен, денеска изјави дека ќе се состане со регулаторите во врска со прекумерната нестабилност на пазарите во последните неколку недели, и додаде: „Ние мора да сме сигурни дека нашите финансиски пазари функционираат правилно и ефикасно и дека инвеститорите се заштитени“, пренесува Агенција Анадолија (АА).

Јелен одговараше на прашања од дневната агенда како гостин во телевизиска програма.

Таа изјави дека денеска ќе се состане со регулаторите во врска со прекумерната нестабилност на пазарите во последните неколку недели, и дека со официјални претставници на Комисијата за хартии од вредност на САД (SEC), Федералните резерви на САД (Fed) и Комисијата за тргување со суровински фјучерси (CFTC) ќе ги оцени најновите случувања.

„Ние мора да сме сигурни дека нашите финансиски пазари функционираат правилно и ефикасно и дека инвеститорите се заштитени“, рече Јелен.

 

Мораме да дејствуваме за Американците да ја добијат потребната помош

Посочувајќи дека САД се соочуваат со две кризи, епидемиолошка и економска, Јелен рече дека сака да биде сигурна дека Американците не страдаат непотребно и дека нивните потреби се исполнети.

„Треба да дејствуваме така што Американците нема да страдаат непотребно и ќе ја добијат потребната помош“, рече Јелен.

Изразувајќи дека сака да работи со американскиот претседател Џо Бајден за спроведување на пакетот за поддршка што ќе ги задоволи овие потреби, Јелен истакна дека сака да биде сигурна дека споменатиот пакет ќе биде изгласан.

„Се проценува дека овој пакет може да ја намали сиромаштијата кај децата за 50 проценти“, рече Јелен, наведувајќи дека пакетот за поддршка ги опфаќа потребите на семејствата со деца.