МВР изработи мапа со „црни точки“ на патиштата за поголема безбедност на учесниците во сообраќајот – ММС
ММС

Објавено на: 02/4/21 1:50 PM

МВР изработи мапа со „црни точки“ на патиштата за поголема безбедност на учесниците во сообраќајот

Од септември МВР спроведува низа акции за безбедност на граѓаните, а една од нив е насочена кон безбедноста во сообраќајот и намалување на сообраќајаните несреќи со тешки последици. Евидентни се резултатите од сообраќајните контроли, вели министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски.

„Граѓаните се подисциплинирани во однос на почитување на сообраќајните правила и прописи, а тоа резултира со намалување на бројот на сообраќајни незгоди, особено оние кои завршуваат со потешки последици“, вели Спасовски.

МВР бележи намалување на сообраќајни несреќи и жртви од истите во 2020, а овие трендови се повидливи во јануари 2021 година.

„Во јануари 2021 намалување на жртвите во сообраќајните несреќи за 56% во однос на јануари 2020. Оваа година во јануари има четири жртви како последица на сообраќајни несреќи, а во јануари 2020 имало девет жртви. А вкупниот број на сообраќајни несреќи во јануари е намален за 19%. 2020 е година со најмалку број на жртви во историјата, вкупно 125 жртви од сообраќајни несреќи, доколку се направи анализа ќе се забележи дека од 2017 оваа бројка постојано се намалува“, информира Спасовски.

Една од мерките со која МВР сака да влијае на свеста на учесниците во сообраќајот е изработката на мапа со преглед на црни точки на патиштата, односно со места каде во 2020 година најчесто се случувале сообраќајни незгоди со тешки последици. Министерот Спасовски, најави дека полицијата ќе има континуирани засилени контроли на овие т.н црни точки, засилените контроли ќе продолжат и на автопатите, другите патишта и улиците во населените места.

Г.Д
Фотографија: МВР