Јас имам обврска како министерка за образование и наука да го спроведувам доследно Законот. Законот е јасен, државната матура е дел од законското решение, вели министерката за образование и наука Мила Царовска во интервјуто за МИА во врска со можноста да дојде до законски измени, со кои би се исполниле барањата на дел од матурантите кои ја бојкотираат наставата.
Царовска го повтори она што го кажува речиси на секој јавен настан изминатиот период а тоа дека државната матура е обврска за сите оние коишто сакаат да го продолжат своето образование кон високо во државата или надвор од неа.
-Учениците имаат право, а ние имаме обврска да им го оствариме тоа право на полагање на државна матура. Сите ученици коишто сакаат да полагаат државна матура до крајниот рок, крајот на декември, ги пријавија и предметите и проектната задача. Голем дел од нив и се спремаат и сметам дека ние навистина немаме право да им го ускратиме правото на полагање матура заради тоа што ако министерот покаже дека не го почитува Законот што останува за останатите. Ние треба да бидеме пример и затоа согласно Законот јас немам друга опција освен да ја спроведам државната матура, нагласи министерката за образование и наука.
Во врска со евентуалната можност за измени на Законот, откако матурантите добија поддршка и од некои политички партии, Царовска потенцира дека тоа ќе биде можност за следната матура.
-Можеби во наредниот период за идната матура заради тоа што имаме направено работна група заедно со средношколците, со Државниот испитен центар која што се однесува на нов концепт за полагање матура, треба да се осовременува. Ние и оваа година направивме на почетокот мали прилагодувања, воведовме информатика, географија за што беа известени сите средношколци, беа известени Унија на средношколци, проектната задача ја променивме – тие сето тоа го поздравија. И сега, и со нив се видовме и пред еден месец и утврдивме дека за наредна година тие ќе учествуваат во новиот концепт за матура, ќе го правиме заедно, но за оваа сите рокови се одминати и ние имаме обврска кон учениците коишто пријавиле матура, вели министерката.
За тоа дали има сознанија како би изгледала матурата од следната година и дали новото решение се приближува на сегашните барања на матурантите, Царовска истакна дека има воспоставено работна група, но не би сакала да говори предвреме.
-Тие се експерти од Државниот испитен центар, ќе има средношколци и наставници коишто заеднички ќе треба да утврдат нов модел на полагање матура и секако дека ќе има јавна дискусија за тоа прашање, ќе биде објавена, може некој ќе даде коментар, па дури после тоа ќе можеме да ја усвоиме како таква, додаде Царовска.
Како лажна вести ги окарактеризира тврдењата на опозициската ВМРО-ДПМНЕ дека таа преку директорите на училиштата врши притисок врз матурантите и професорите.
За реформи во средното образование, нагласува дека најпрво да почне имплементацијата на реформите во основното, а потоа ќе се оди на следното ниво.
-Да го завршиме основното, да започнеме имплементација. Има група која што работи на средното гимназиско, но нема тоа да се воведува оваа година, наредната учебна 2021/2022 можеби за таа по неа таман да го фати чекорот и со она кое што ќе се јавува како концепциска промена во основно и да продолжи во средното гимназиско. Секако дека треба и во уметничкото, средното стручно веќе е во тек, министерот Арбер интензивно работеше и министерката Рената на тоа, сега веќе одиме на локален социјален дијалог за усогласување на потребните профили коишто треба да се едуцираат во средните стручни согласно потребите на реалниот сектор, додаде Царовска во интервју за МИА.
МИА