Арсенал со девет играчи загуби на „Молињу“, Шефилд со прeсврт до победа против ВБА – ММС
ММС

Објавено на: 02/2/21 10:09 PM

Арсенал со девет играчи загуби на „Молињу“, Шефилд со прeсврт до победа против ВБА

До самиот крај на полувремето, Арсенал ги одигра веројатно најдобрите 45 минути во Премиер Лигата сезонава. Но Премиер Лигата нема да е најдоброто и највозбудливото клупско натпреварување доколку не им приреди на гледачите неочекуван развој на настаните.

„Топџиите“ одлично го отворија мечот и уште во деветтата минута преку Букајо Сака го пронајдоа патот до мрежата на Руи Патрисио. ВАР-системот го поништи погодокот на младиот Англичанец, но тоа не го обесхрабри тимот на Артета во постојаните напади и прогресивната игра. Таквиот пристап конечно се исплатеше во 32-та минута. Николас Пепе нанижа неколку фудбалери на Волвс и буквално го „падна“ на земја поранешниот десен бек на Барселона, Нелсон Семедо, постигнувајќи фантастичен индивидуаелен погодок и донесувајќи му на својот тим заслужено водство.

Кога се чинеше дека арбитарот Крег Посон ќе означи крај на полувремето – Давид Луиз стапи на сцена. Бразилецот го фаулираше Педро Нето во шеснаесетникот и им подари пенал на „волците“, а таквиот старт Посон го санкционираше со црвен картон. Рубен Невес беше сигурен изведувач од белата точка.

На самиот почеток на вториот дел фановите посведочија на спектакуларен гол на Жоао Мутињо, контендер за погодок на сезоната без никаков сомнеж. Да бидат работите уште полоши за Арсенал се погрижи нивниот голман во 72-та минута. Лено играше со рака надвор од голманскиот простор и испратен беше порано на туширање. Со девет играчи, осум во поле, некогашниот првак на Англија едноставно немаше шанси против денес мотивираниот и среќен опонент.

Оваа победа го искачи Волвс на 14-тото место на табелата, додека пак Арсенал го зацементира на 10-тата позиција со освоен 31 поен.

Победата над Манчестер Јунајтед на „Олд Трафорд“ минатата недела, го „осоколи“ овосезонското разочарување Шефилд и внесе тронка надеж помеѓу фановите дека следната година повторно би се натпреварувале во елитата. Екипата на Крис Вајлдер преку пресврт дојде до целиот плен против вториот фенерџија Вест Бромвич Албион. Гостите во 41-тата минута стигнаа до посакуваното водство со голот на Филипс, додека Богл и Шарп во 56-тата односно 73-тата минута беа носителите на камбекот на „сечилата“ на „Брамал Лејн“.

 

 

 

 

Фото:

theguardian.com