Предлогот за интерпелација на вицепремиерот Димитров пред пратениците – ММС
ММС

Објавено на: 02/1/21 8:10 AM

Предлогот за интерпелација на вицепремиерот Димитров пред пратениците

Собранието денеска треба да ја започне 30-та седница на чиј дневен ред се 50-тина предлог-закони за изменување и дополнување на постојни закони, како и интерпелацијата за работата на заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Никола Димитров, поднесена од опозицијата.

Оваа седница првично беше закажана за 18 јануари, но тогаш не беше утврден ниту дневниот ред поради тоа што власта немаше кворум за гласање, бидејќи еден пратеник од владејачкото мнозинство беше позитивен на коронавирус, а уште еден бил тестиран и за него се чекаа резултати.

Опозицијата тогаш не присуствуваше на седницата, а владејачкото мнозинство таквото однесување го оцени како недржавничко, особено, како што рекоа, што на оваа седница, меѓу другите, се измени на Законот за лекови, поврзани со вакцинацијата против КОВИД-19.

На ова реагираше координаторот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски кој истакна дека неприсуството на опозицијата на седницата е резултат на, како што рече, недемократското однесување на мнозинството во Парламентот. Се додека не го смените начинот и односот со опозицијата, се додека законските решенија не се ставаат на матичните комисии каде треба и се додека избегнувате демократска дебата, нагласи Мицевски, ќе наидувате на отпор согласно алатките што ни стојат на располагање.

Претседателот на Собранието, Талат Џафери по дискусиите на Мицевски и Митрески ја прекина седницата со образложение дека нема деловнички можности за работа. Во врска со отсуството на опозицијата Џафери рече дека тоа што пратениците одбиваат да влезат на седница, иако се потпишани, е нивно легитимно право. За тоа, рече Џафери, формално не се одговорни пред мене туку одговараат пред вас граѓаните. Последната одлука за тоа, потенцира претседателот на Собранието, ќе ја имате вие.

Меѓу предлог-законите на дневен ред на оваа седница се и оние за изменување на законите за еднакви можности на жените и мажите, за заштита од вознемирување на работно место и за употреба на знаковниот јазик, како и на законите за практиканство и за волонтерството, сите по скратена постапка.

Пратениците по скратена постапка ќе расправаат и за изменување и дополнување на Законот за задолжително капитално финансирано пензиско осигурување, на Законот за доброволно капитално финансирано пензиско осигурување, на Законот за исплата на пензии и пензиски надоместоци од капитално финансирано пензиско осигурување, на Законот за вработување на инвалидни лица и на Законот за вработувањето и осигурување во случај на невработеност, како и на Предлогот на закон за отпис на камати и репрограмирање на долгови и трошоци на јавни претпријатија.

На дневниот ред на оваа седница се и повеќе законски измени од сферата на јавното здравство, трговијата, финансиите, културата и науката, како и предлозите на законите за изменување на Законот за заштита од бучава во животната средина и на Законот за животната средина.

Пратениците треба да расправаат и за измениа на Законот за заштита од експлозивни материи, Законот за спречување на насилството и недостојното однесување на спортските натпревари, Законот за странци, Законот за складирање и заштита од запални течности и гасови и на Законот за полиција.

Со европско знаменце на дневен ред на оваа седница се поставени Предлогот на закон за развој, производство и промет на воени стоки, Предлогот на закон за лобирање и Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за квалитетот на амбиентниот воздух, сите во прво читање.

МИА