Таравари се сомнева дека ќе има попис оваа година – ММС
ММС

Објавено на: 01/29/21 1:03 PM

Таравари се сомнева дека ќе има попис оваа година

 Гостиварскиот градоначалник Арбен Таравари се сомнева дека пописот ќе се одржи оваа година. За него е нејасна методологијата за попишување и нема да оди на дебатите, бидејќи на нив мнозинството градоначалници застапуваат партиски ставови.

Сомнежот дека попис ова година нема да има, Таравари го искажа во одговорот на новинарско прашање дали добил покана за учество во најавените дебатите. Запрашан на што го темели сомневањето, тој посочи дека роковите се кратки за да се исполнат условите, а нејасна е и методологијата.

– Попис треба да има тоа сум кажал повеќе пати и стојам на тој став. Меѓутоа имаме повеќе забелешки на методологијата. Не можам да го разберам ниту директорот државниот завод за статистика, кој во неколку наврати различно зборува. Од тие причини, имам лични дилеми дека пописот ќе се одржи оваа година. Еве, веќе сме февруари, а подготовките за ваква значајна операција не се отпочнати, рече Таравари, нагласувајќи дека тоа е негов личен став.

Дебатите за пописот на кои се поканети градоначалниците ги смета за некорисни. На нив нема оди, бидејќи во ЗЕЛС мнозинството се кадри на СДСМ и предлозите на опозициските градоначалници нема да се прифатат.

 – Добивме покана од ЗЕЛС, но таму од осумдесет и пет градоначалници, само петмина не се од СДСМ. Па така за бадијала ќе дебатираме, кога нашите сугестии и предлози не се прифаќаат. Јас веќе година ипол ги игнорирам нивните седници, па така ќе биде и со оваа. На оваа тема ќе дебатираме, но во ЗЕЛС нема, објаснува гостиварскиот градоначалник Арбен Таравари.

З. Г. М.