Леви – Друмер: Како да ги паметиме холокаустот и жртвите на холокаустот во овие денови – ММС
ММС

Објавено на: 01/29/21 9:15 AM

Леви – Друмер: Како да ги паметиме холокаустот и жртвите на холокаустот во овие денови

На денот кога светот го одбележува Меѓународниот ден на сеќавање на холокаустот, македонските граѓани оддадоа почит на своите сограѓани, Евреи, 7144 на број, кои станаа жртви на прогонот на нацистите. Сите беа убиени во логорот на смртта, Треблинка. Во светот, во текот на Втората светска војна беа убиени над шест милиони Евреи, невини деца, жени и мажи.

Д-р Шели-Рахел Леви Друмер, родена во Македонија, единствениот потомок на семејствата Леви и Абраванел, и е на чело на Здружението за промоција на еврејското културно наследство Битола – Монастир и академски секретар на Универзитетот Бар Илан, Израел.

Во обраќањето во продолжение, д-р Леви – Друмер потсетува на голготата на еден народ и напорите што ги вложува Македонија тоа да не се заборави, за никогаш да не се повтори.

На 27 јануари, светот го одбележува Меѓународниот ден на сеќавање на холокаустот во согласност со едногласната одлука на ООН донесена во 2005 година. Овој датум беше одбран, бидејќи ова е датумот кога логорот на смртта, Аушвиц беше ослободен од нацистите.

Резолуцијата на ООН ги повикува земјите да развиваат наставни планови и програми во областа на сеќавањето на холокаустот, да го отфрлат секој обид за негирање на холокаустот, да ги осудат ефектите од ксенофобија и да ги поддржат земјите вклучени во заштита на концентрационите логори како центар на трагичен спомен.

На денешен ден пред една година, претседателот на Северна Македонија, проф. Стево Пендаровски присуствуваше на специјален меѓународен комеморативен настан во Израел, заедно со уште четворица претседатели од Балканот и десетици претседатели од целиот свет. Овој настан беше организиран од израелскиот претседател Рувен Ривлин, по повод 75-годишнината од ослободувањето на логорот на смртта, Аушвиц.

Меѓународниот ден на сеќавање на холокаустот, секоја година се одбележува во Северна Македонја, како и во Израел и други земји низ целиот свет. Покрај тоа, обете наши држави го одбележуваат датумот на кој македонските Евреи биле собрани од своите домови, однесени во фабриката за тутун – Монополот, за потоа да бидат испратени во логорот на смртта, Треблинка, од кој ниту еден од 7144 македонски Евреи, не преживеал.

Настаните за сеќавање во Македонија се одржауваат последните години во трите градови во кои стотици години постоеја големи еврејски заедници: Скопје, Битола и Штип.

Во Скопје, меморијалните настани се фокусирани во Монополот и Музејот на холокаустот, кој беше создаден по основањето на Фонд на холокаустот од страна на Македонија и Еврејската заедница. Главните цели на основање на Фондот на холокаустот се зачувување на сеќавањето на заедницата која беше истребена, како и продлабочување на свеста за холокаустот и рехабилитација на значајните еврејски места кои се наоѓаат низ целата земја на Северна Македонија, од кои најистакнати се древните и најголемите еврејски гробишта на Балканот во Битола.

Како дел од ова, во центарот на Скопје беше основан Музејот на холокаустот, кој беше инаугуриран со привремена изложба во 2011 година. Постојаната изложба, која беше дизајнирана од Мајкал Беренбаум, кој го дизајнираше Музејот на холокаустот во Вашингтон, беше поставена во 2018 година, а свечено отворена во 2019 година.

Музејот е важен центар за комеморација на изгубената еврејска заедница, а неговата активност станува сѐ позначајна и поблиска до локалното население и туристите. Во 2015 година, на иницијатива на амбасадорот Дан Оријан, започна реставрацијата на гробиштата во Битола, кога амбасадорот формираше коалициија заедно со Фондот на холокаустот, Еврејската заедница, Општина Битола, владини претставници и министрства и локалната организација Архам.

Имам чест да бидам дел од овој важен проект, како академски секретар на Универзитетот Бар Илан, Израел и како претседател на невладината организација за еврејско културно наследство Битола – Монастир и како родена во Македонија од еврејските семејства Абраванел и Леви, кои успејаа да го преживеат холокаустот.

Остварувајќи ја целта на оваа иницијатива за обновување на еврејските гробишта, стари 500 години, досега е исчистена околу третина од вкупната површината и се откриени и исчистени околу 4000 гробни плочи.  На самите плочи се пронајдени текстови со лични приказни кои ги даваат впечаток на „отворена книга од живот“ на исчезнатата заедница. Овој проект има посебно значење, бидејќи денес не живее ниту еден Евреин во Битола, место каде што повеќе од илјада години битисуваше значајна и многу живописна и активна еврејска заедница.

Според конечниот план, гробиштата ќе бидат „сеќавање на изгубениот живот“ и меморијален парк на заедницата што повеќе ја нема, каде според планот треба да се постави и специјален споменик во форма на огромен сончев часовник што беше изграден специјално од еврејскиот уметник роден во Македонија, „последното еврејско бебе родено во Македонија пред холокаустот“, Мати Гринберг. Истовремено со овој проект, започнува процес на обиколка и проучување на еврејската историја во Битола, со бран туристички посети.

Во 2017 година, околу 11 март, денот на комеморација на македонските Евреи, покрај долгогодишните комеморативните настани, започнавме со специјални меморијални активности, како што е Маршот на живите, специјални семинари и иновативни настани. Како дел од Маршот на живите во Битола, присуствуваа и маршираа со нас високи министри и владини претставници од Северна Македонија и Израел со илјадници Македонци, Израелци и ученсници од Европа и целиот свет.

Заедно со Маршот на живите, во Македонија се случуваат различни активности во областа на иновациите, технологијата, културата и образованието во спомен на еврејската заедница од Битола и Македонија, предводени од амбасадорот Дан Оријан. Во 2020 година, беше подготвена реализација на Маршот и другите проекти, но се откажаа поради Ковид 19. За жал, дознавме дека двете големи меморијални локации, Музејот на холокаустот и Еврејските гробишта во Битола се затворени за посетители.

Во изминатата година, Музејот на холокаустот во Скопје беше затворен, посетите се откажани, додека сите скопски музеи се отворени за посетители според прописите за заштита од Ковид 19. За жал, битолските гробишта, кои беа секојдневно отворени за посетители, во моментов се затворени. На сите партнери кои се дел од проектот за реставрација на гробиштата, кои вршат санација, вклучувајќи ги и Македонците, им е забранет влез, така што повеќето надгробни споменици ќе исчезнат под дивата вегетација и ерозијата на почвата, и покрај напорната работа во последните години.

За жал, ваква е ситуацијата и овие големи прокети во кои е вложен огромен напор се затворени и неактивни подолго време, а тоа нема никаква поврзаност со ситуацијата со пандемијата. Откажувањето на Маршот на живите оваа година и ставањето „во мирување“ на другите меморијални активности во Македонија беше предизвик за нас и нѐ охрабри да бараме алтернативни креативни начини за објавување и заживување на сеќавањето на заедницата.

Наместо Маршот на живите, оваа година, како иницијатива на амбасадорот Дан Оријан, реализиравме проект насловен „Светлина на сеќавање и надеж“ за време на еврејскиот празник Ханука. Последната ноќ на Ханука според еврејската традиција, се палат 8 свеќи на Ханукијата (специјален свеќник за овој празник), така што таа ноќ беше избрана за меморијалниот проект „1000 ханукији“.

Запалените свеќи на „1000 ханукији“ претставуваат бројот на Евреи од Македонија кои загинаа за време на холокаустот, кој изнесува 7144. Ханукијите во Македонија беа изработени на иницијатива на амбасадорот Оријан и израелското Министерство за надворешни работи, од младинци со посебни потреби. Во проектот учествуваа македонските организации, како што се: Акта нон верба и Маја Суша, член на заедницата од Скопје и Архам, предводени од битолчанката Марија Грас Дучевска (Мима).

Потоа, беше одлучено да се прошири иницијативата и кон Израел и низ целиот свет и да се осветли сеќавањето на македонската еврејска заедница што загина во холокаустот. Од луѓето и заедниците од целиот свет беше побарано да ни  испратат видео или фотографија од специјалното палење на свеќи. Ова беше навидум едноставна идеја што го придружуваше празникот за осветлување Ханука, што е еврејска традиција за време на празникот Ханука, давајќи посебно значење на светлината и сеќавањето. Меѓу учесниците на церемонијата на палење на свеќите беа околу десет главни израелски градоначалници, вклучително и на главниот град Ерусалим, со ученици, младинци и лица со посебни потреби, кои учествуваа во специјалниот настан за осветлување на спомените. Други специјални палења на свеќите беа организирани во центрите за културно наследство, музеите, акадамските институции и училишта, каде за секој настрадан македонски Евреин беше запалена една ханукија.

Вкупно, во Израел беа запалени повеќе од десет илјади ханукији. Нашиот проект стигна до многу земји низ светот и одговорот беше зачудувачки. Добивме слики и видеа од палењето на стотици ханукији од Соединетите држави, Јужна Америка и од цела Европа и Азија.

Главното палење на ханукијата беше од страна на претседателот на Северна Македонија, проф. Стево Пендаровски и претседателот на Еврејската агенција за Израел, Исак Херцог и многу други високи претставници на Владата. Наспроти ова, постојат и други виртуелни начини кои ни помагаат да го запомнеме и зачуваме сеќавањето на загинатите македонски евреи, дури и кога нема физички проекти. Оживувањето на споменот на Еврејската заедница во Битола, кое започна со проектот за обновување на гробиштата 2015 година, продолжува да се развива и не запира.

Во Израел, во иминатите години беше формирана заедница на потомците на Евреите од Битола и Македонија, со околу 2000 членови, и таа е активна во сеќавањето и продолжувањето да ја раскажува приказната за заедницата што загина. Во исто време, постои заживување на сеќавањето и културното наследство на потомците на заедницата во Соединетите држави и Јужна Америка.

Досега се откриените над 4000 надгробни споменици и се документирани и поставени во виртуелна база на податоци. Овие плочи кои се основа на истражувањето, и уметничките дела продолжуваат да бидат живо сведоштво, и виртуелно да ја раскажуваат приказната за загинатата заедница и гробиштата, што е во план да биде жив парк и спомен, кој очекуваме да биде обновен и документиран.

Заедно со виртуелните и иновативните начини на зачувување на документацијата и континуитетот на сеќавањето, се надевам дека двата главни меморијални локалитети во Македонија ќе се вратат во целосна функција што е можно поскоро. Се надевам дека Музејот повторно ќе се отвори и ќе работи за наставниците, студентите, посетителите и туристите како сите музеи на холокаустот ширум светот и дека првичниот план за претворање на гробиштата во добро чуван меморијален парк, вклучувајќи го и сончевиот часовник од уметникот Мати Гринберг, ќе продолжат.

Исто така, се надевам дека меморијалниот парк ќе ги охрабри туристите и посетителите да ја посетат и запомнат и никогаш да не ја заборават еврејската заедницата што загина. Навистина се надевам дека процесот на обновување и зачувување на гробиштата ќе заврши во соработка со сите оние кои учествуваа и се дел од овој посебен проект. Се надевам дека преку сите овие проекти ќе продолжиме да ги презентираме и ќе се сеќаваме на страшните настани од холокаусот и сеќавањето на Еврејската заедница во Македонија, која беше речиси целосно истребена.

Д-р Шели-Рахел Леви-Друмер, родена во Македонија, единствен потомок на семејствата Леви и Абраванел, претседател на Здружението за промоција на еврејското културно наследство Битола – Монастир и академски секретар на Универзитетот Бар Илан, Израел.