Среде зимска сезона, не работат ски лифтовите во ски центарот „Станич“, кај Крушево. Поради тоа, љубителите на скијањето немаат можност да уживаат во атрактивноста на ски центарот, во кој не е инвестирано ниту клинец од како е изграден во 1974 година, реагираат локалните жители и угостители.
Сезонава, не е подготвена ниту патеката за скијање, која е идеална и за скијачи почетници. Ски центарот располага со ратрак, специјална машина за подготовка и одржување на терените, кој си е паркиран, не се користат ниту осумтте топови за вештачки снег, кои можат да се користат во ситуација кога нема доволно количество природен снег. Место инвестиции и развој на зимскиот туризам, од кој Крушево и крушевчани можат одлично да живеат, ски центарот е оставен на забот на времето.Работи само жичарницата која води од градот до ски патеките.
Постарите жители, велат дека е исто речиси се како што било и во времето на поранешна Југославија. Никогаш не заживеално ниту ноќното скјање, иако пред неколку години биле создадени услови за тоа, со поставување на соодветно осветлување. Оваа зима, поголем е бројот на оние кои доаѓаат на санкање, наместо на скијање, а и оние малкумина љубители на скијањето доаѓаат и заминуваат разочарани од условите.
Сепак предноста на овој ски центар е одличната местоположба, близината со градот,соодветната инфраструктура која води до самото место, но и пристапните цени.
Ски центарот во Крушево бил изграден во времето на СФРЈ и него го градело некогашното транспортно општинско претпријатие,а со него последните десеттина години стопанисуваат приватни компании од градот. До сега не заживеал ниту проектот за изградба на ски центар со комплетна инфраструктура од жичници до ски лифтови и 4 километри долги патеки на блиската планина Мусица, каде можат да се изградат ски терени по сите светски стандарди.
Локалните жители и бизнисмени, бараат државата да се позанимава со Крушево, да стави рака на највисокиот град на Балканот, и да помогне неискористените потенцијали да се стават во функција на развој на туризмот и ски спортовите.
Мики Трајковски