Со 35 индексни поени од 100, Македонија го дели 111-тото место на рангирањето за Индексот на перцепција на корупцијата за 2020 година на Транспаренси интернешнел заедно со БиХ, Монголија и Панама што е најлошо рангирање од 2001 година од кога првпат беше ставена на ранг листата.
Како што истакна претседателката на Транспаренси интернешнел Македонија, Слаѓана Тасева на денешната прес-конференција, лани бевме на 106-то, а сега сме на 111-то место. Бројот на индексни поени не е променет што покажува дека не се постигнуваат резултати во областите кои се содржина на истражувањата кои се користени за анализа на податоците за Република Северна Македонија, но има намалување во клучните области – владеење на правото и човековите слободи и права.
„Носителите на власта треба да сфатат дека со декларативно изразена политичка волја за борба против корупцијата, а без јасно изразени и видливи активности, резултати и ефекти од таа борба и понатаму ќе имаме резултати кои ќе укажуваат на многу висок степен на корупција. Неопходно е многу сериозно да се зафатиме со ефикасна и вистинска борба против корупцијата зашто политичките декларации не покажаа резултати“, рече Тасева и додаде дека е очигледно дека само со политика и декларативност не може да се промени состојбата.
Мора да постои можност за ефикасна контрола на финансиските текови.
„Ние имаме голем број на случаи кои се поврзани со високи финансиски износи а за кои за жал не се успеа да се спроведе добра и ефикасна контрола на финансиските текови. Значи ние сеуште немаме капацитет да спроведеме ефикасна контрола на нелегалните финансиски текови, која што контрола ќе ни покаже каде одат, од каде се одлеваат и каде одат финансиските средства, меѓутоа и да се покаже дека одредени средства или имот кој што се стекнал, се стекнал на незаконит начин за да може тој да се смета за незаконско или нелегално богатење,“ вели Тасева.
На пример, Антикорупциската комисија има надлежност да ги следи имотните состојби на избрани и именувани функционери, има по законот право да има пристап до 13 бази на податоци, за да може да ги следи и споредува овие состојби.
„ Меѓутоа не им се обезбеди прво простор за компјутерите, софтвер, односно не им се обезбеди можност тие тоа да го прават. Исто така имаме една стратегија за финансиски истраги која што веќе завршува во февруари 2021 година, за која не се најде сила да се имплементира до крај,“ образложи Тасева.
Затоа, вели таа, носењето на закон е декларација, вистинската имплементација е да се даде ресурси и можност за работа и на ДКСК и на обвинителството и на судството.
Има и уште еден проблем, се соочуваме со ситуација кога државните органи не ги спроведуваат одлуките на надзорните органи, не ги спроведуваат одлуките на ДКСК, ги ставаат под тепих или ги оставаат самите функционери за кои се однесуваат одлуките, да одлучуваат како ќе постапат.