Тие што ја осудуваат жртвата, се идентификуваат со насилникот:  Ана Попризова за психолошката поддршка на жртвите од „јавна соба“ – ММС
ММС

Објавено на: 01/28/21 7:16 PM

Тие што ја осудуваат жртвата, се идентификуваат со насилникот:  Ана Попризова за психолошката поддршка на жртвите од „јавна соба“

Бесплатна психолошка поддршка за жртвите на членовите во групата „јавна соба“ понудија низа психолози од земјава, откако повторно се актуелизираше прашањето за сајбер безбедноста, но и за сексуалното вознемирување. Една од нив е и Ана Попризова, училишен психолог. Таа ги повика жртвите да побараат стручна помош, но и да се создаде мрежа за поддршка. Каква е улогата на психолозите во закрепнувњето на жртвите од еден ваков инцидент е темата на која Македонски медиа сервис разговараше со Попризова.

-Бидејќи од она што го видов од снимките во Јавна соба имаше написи и за малолетници, сметам дека е моја професионална обврска како училишен психолог да ги поддржам средношколците. Драго ми е што мои колеги се приклучуваат кон ова. Се надевам дека ќе направиме една мрежа на поддршка за да можат жртвите да се почувствуваат дека не се сами.   Улогата на училишниот психолог е да биде поддршка на учениците, да им помогне и да им пружи психосоцијална поддршка во процесот на справување со настанот што се случил, прифаќање на новонастаната состојба и реорганизација на системот на поддршка и фукционирањето во средината.

Какви емоции може овој случај да предизвика кај жртвите, особено кога тие се млади? Каква е траумата што тие може да ја доживеат?

-Поаѓајќи од фактот дека жртвите се малолетни, а овој период на адолесценција е многу значаен и бурен за секоја млада личност, последиците можат да бидат сериозни. Почнувајќи од стравови, фобии, ноќни мори, депресивни состојби, анксиозност, проблеми со концентрација, ниска самодоверба, сексуални проблеми, суицидни мисли, пост – трауматски пореметувања. Многу често на ова се надоврзуваат и ризични однесувања доколку личноста не изнајде начини да се справи со состојбата или не побара помош.

Ваквата виктимизација може да доведе до промена во развојот на сликата за себе, сопствената сексуалност, довербата во идните партнери во критичните години на развој. При секое одново појавување во јавност и отворање на овие теми се можни појава на пострауматско стресно нарушување и ретрауматизација, бидејќи личноста се потсетува на случките од минатото и одново ги проживува со ист интензитет како да се случуваат во реалноста.

Секако дека е зафатен и социјалниот живот на единката, таа е многу често јавно изложена на осуда, ја напуштаат блиски пријатели, ја осудува понекогаш и семејството или роднините. Личноста останува сама или со сосема намалена мрежа на контакти и поддршка. Ова доведува и до повлекување и изолирање  од јавноста.

И покрај бројните коментари за поддршка, жртвите наидоа и на осуда кај дел од јавноста. Има ли некое објаснување психологијата за ваквите осуди кон жртвите? Дали осудувачите се однесуваат така поради ниска едукација, недоволно воспитување, влијание на масовните медиуми или некои  други фактори поради кои тие го оформиле мислењето на таков начин да ги бранат насилниците?

-Родовото насилство е во основата на постоењето на „јавна соба“, само надоградено со современите услови на интернет технологијата. Насилникот има свои карактеристики, од кои најзначајна е злоупотребата на моќ.  Осудата на дел од општеството е резултат на феноменот на идентификација со агресорот, бидејќи некои личности избираат да се идентификуваат со насилникот, бидејќи се чини дека им е понеприфатливо да се идентификуваат со жртвата, бидејќи таа е немоќна, а насилникот е моќен.

Мислам дека има од се’ од ова што го набројувате. Живееме во традиционално општетство каде родителите многу ретко ја дискутираат оваа тема со децата. Жртвите на родово насилство многу често се осудени и од своите семејства, пријателите и роднините.

Факт е дека оваа тема многу малку се работи во образованието. Родовото насилство е тема која не постои во ниту еден предмет, за ова се зборува само во неформалното образование. Во јавноста, па и во образованието многу малку се препознаваат облиците на родово насилство. Има многу предрасуди и релативизации. Медиумите најчесто сензационалистички настапуваат, а законодавството не го казнува насилството. Ова дава сигнал за насилниците дека е дозоволено и дека нема пречка за нивните реакции.

Според некои корисници на социјалните мрежи, оправдано е една девојка да биде осудена само зашто се сликала во костим за капење и го објавила тоа на социјалните мрежи. Има ли овде реален простор за оправданост?

-Секако не е оправдано да се осуди, ниту да се злоупотреби.  Младите имаат потреба да добијат потврда од околината. Ова е еден начин кој е сега актуелен преку социјалните мрежи. Борба за лајкови.

Според мене проблемот е покомплексен. Објектификацијата на женското тело е современ тренд. Многу  девојки се идентификуваат со нивни ѕвезди и идоли кои својата промоција ја темелат врз телото и надворешниот изглед. На некој начин ова го поддржува и општеството со родовиот стереотип според која девојките треба да бидат убави и допадливи. На овој начин тие ја добиваат пораката дека најмногу што можат за себе е да го почитуваат и следат тој стереотип, бидејќи на тој начин ја добиваат валидацијата на својата личност. При образованието и воспитувањето, тие не успеваат да воочат  дека се многу повеќе од своето тело и можат многу повеќе од пласирање и промовирање на својата личност преку своето тело. Затоа се значајни образовните институции кои преку соодветни програми можат да помогнат  младите да го препознаат ова и да делуваат во насока на поддршка на младите за себепромоција  на поинакви начини, како низ наука, уметност, образование, бизнис, култура и други сфери на општествено живеење.

Програмата за сеопфатно сексуално образование ја препознавам како една можна насока на делување, доколку се сака да се работи на ова поле во образованието.

Една од жртвите се пожали дека од МВР и  рекле дека не може да се процесуира случајот бидејќи не е малолетна. Колку ваквата ноншалантност на институциите ги одвраќа жртвите да ги пријавуваат случаите на насилство?  Каде може да се впери прстот за ваквото однесување на институциите.

Сметам дека е време сите засегнати институции секој од своето поле на делување да се мобилизира за да се изнајде решение на овој проблем.

За крај, како ги коментирате вулгарните коментари во групата? Што е всушност тоа што влијаело кај тие корисници на социјалната мрежа Телеграм да задираат во нечија приватност, но и да шират лажни информации за жртвите?

Ниската култура и вулгарноста на социјалните мрежи ја гледаме секојдневно. Сакаме да сме информатичко општество, но не го научивме бон тонот на комуникација на социјални мрежи. Во „јавна соба“ само е ставено во сексуален и насилен контекст.  Сметам дека следен чекор е да се работи на едукација и кампањи за безбедно  користење на интернет. Секако верувам дека може да се направи нешто и на полето на работа на полицијата и правосудството.

 

Вања Мицевска