Децата не треба да бидат експериментални глувчиња на образовниот систем – ММС
ММС

Објавено на: 01/28/21 10:42 AM

Децата не треба да бидат експериментални глувчиња на образовниот систем

Бранко Прља

Branko Prlja 200x250МОН најавува реформи во образовниот систем. Се разбира, реформите ги чекаме со нетрпение, но во насока на суштински измени, а не избрзани одлуки, копирање туѓи идеи и нивно вадење од контекст неприменлив во нашата средина, како и повторно експериментирање со децата.

Последните предлози од Министерството за образование и наука се „реформи за основното образование со формирање на т.н. модуларни програми за Природни науки (биологија, физичка географија, хемија и физика), Општествени науки (историја, општествена географија, граѓанско образование, религии, етика), Уметничко образование (музичко и ликовно образование) и Техника, технологија, информатика.“ Според МОН, на тој начин „ќе се скрати непотребниот обемен материјал кој досега се учел,“ а за реализацијата е потребна „соработка меѓу наставници од различни дисциплини“.

Прво реформи на учебниците и опремување на училиштата

Се разбира дека одредени предмети се преобемни, но не е проблемот во квантитетот, туку во квалитетот на знаењата. На пример, учебниците по Општество за пониските одделенија се застарени, фактографски и претставуваат збир на неразбирливи факти кои како да се извадени од законите и Уставот на нашата земја и сосема неприлагодени на возраста на учениците. Зарем едно дете од 9 години треба да ја знае точната дефиниција на законодавна власт или што се терцијарни стопански гранки?

Но, што е со „помодерните“ Кембриџ учебници? Ако постарите учебници како дадениот пример погоре се пренатрупани со информации, тогаш Кембриџ учебниците се спротивност на ова. На секои две страници од учебниците едвај да има по една битна информација и пренесеното знаење е сосема оскудно. Тоа јасно се гледа со површно разлистување на пример на учебникот по Природни науки.

Се разбира, наставникот не мора да се држи до учебниците и може да ја надополнува програмата со сопствени материјали, но за жал во многу случаи наставниците не го прават тоа. Токму затоа, паралелно со квалитетни учебници ни треба и обучен, квалитетен наставен кадар, како и опремување на училниците. Сето тоа ќе создаде услови за квалитетна, продуктивна и креативна настава. За да им дадеме можност на децата да имаат критичко мислење, мораме главчињата да им ги наполниме со добро организирани, паметно и внимателно срочени факти кои ќе можат да ги обликуваат во нови целини. Потоа можеме да тргнеме понатаму.

Неодговорени прашања

Образованието, т.е. наставниците и децата во нашата земја се предмет на експерименти веќе со децении. Ако се земат предвид известувањата по медиумите за последните реформи, се поставува прашањето како и врз основа на кои критериуми наставниците ќе се „договараат“ за оценката на ученикот по сродните предмети? Како ќе се „скрати“ материјалот, а тоа воедно ќе доведе до негово посуштинско и подобро знаење? Како ваква круцијална промена, за која се потребни минимум неколку години планирање и постепено воведување за да функционира добро, се планира да се спроведе од следната година?

Наместо да се поработи на тоа да се направат учебници кои ќе имаат посуштински информации, се препушта работата на развивање на „критичко мислење“ на деца од основно образование на „креативноста“ на наставниците со плати на рамниште на општите работници. Да не заборавиме дека овие наставници се задолжени не само за предавање на знаењата, туку и за воспитување и градење на идните возрасни личности. Повторно се гледа на образованието како на експеримент кој треба во реалноста некој друг да го спроведе на терен, а резултатите како и до сега ќе бидат неуспешни.

Уметноста прогласена за небитна… ништо ново

Исто така, постои најава за „намалување на часовите по уметничките предмети“. Во САД постоеше и опстоја ваков тренд и како добар уметнички документ за овие промени е одличниот филм „Oпусот на г-дин Холанд“ (Mr. Holland’s Opus, 1995) и цитатот од него: „Можете да ги тргнете уметностите од образовниот систем и порано или подоцна децата нема да имаат ништо да читаат или за што да пишуваат.“ Сепак, во САД овој чекор е направен во повисоките образовни институции кои се финансирани од приватни бизниси кои бараат враќање на своите инвестиции. Како се враќаат овие инвестиции? Преку спортот, се разбира. Уметноста не е профитабилна и затоа програмите како музичко и ликовна уметност се занемарени во однос на спортот. Таква линија на мислата, која се чита помеѓу редовите на предлог-концепцијата за основно образование, е сосема неоправдана и неприменлива во нашата средина. Местото на уметноста во нашето општество е веќе на ниско скалило и тоа е јасно од одредени приватни истражувања на јавното мнение, а ако се спроведе ваков чекор состојбата уште повеќе ќе се влоши.

Decata ne treba da bidat eksperimentalni gluvcinja na obrazovniot sistem
Извор: makfax.com.mk
Во новата епизода на МОНК…

СОНК повторно истапува со млитава реакција и го „замолува“ МОН да не брза. Сепак, СОНК поставува неколку валидни прашања за тоа како реформите би се одразиле на фондот на часовите на наставниците. Од МОН одговараат (дипломатски) дека проектот е работен по пример на развиените образовни системи. Како што еднаш кажа познатиот црногорски музичар и критичар на балканските политики Рамбо Амадеус „Во Европа не се влегува, Европа се станува.“ Во однос на тоа, важат неколку поенти.

Прво, не можеме да очекуваме дека ако пресликаме една изолирана пракса од поразвиените држави каде образовниот систем е дел од една интегрирана целина која ги опфаќа сите сектори во едно општество, тоа ќе функционира. Таа мора да биде во согласност со реформите во другите сектори.

Второ, кои се тие пракси конкретно? Да не заборавиме дека Кембриџ ни беше „продаден“ (всушност никој не беше ни прашан, но за целта на аргументот нека биде така) небаре излегол од перото и наследството на Исак Њутн и Стивен Хокинг, Лукасовите професори на Универзитетот во Кембриџ, а всушност нема ни „К“ од вистинскиот Кембриџ.

И како трето, навистина, каде брзаме!? Толку ли не исплаши ПИСА? Патрик Дерхам, директорот на училиштето Вестминистер во Лондон вели дека буквалното разбирање на резултатите од ПИСА тестирањата можат да доведат до „верување дека краткорочни поправки можат да го подобрат образовниот систем во една држава, но истражувањата го покажуваат токму спротивното – дека за вистински промени се потребни години, ако не и децении.“

Но, кој е Патрик Дерхам за да ни „соли“ памет? Тој е „само“ директор на училиште кое датира од 12-от век и има највисоки резултати во Англија (а веројатно и во светот) за што зборува фактот дека половина од нивните ученици се запишуваат на Кембриџ или Оксфорд, а неколку од нив се Нобеловци. Се чини дека неговите зборови се „пророчки“ за нашата ситуација и реформите кои треба да се воведат. Ставот дека „не брзаме, туку доцниме со реформите“, како и инсистирањето тие да се воведат веќе од следната година можат да доведат само до влошување на состојбата, а децата повторно ќе бидат жртви.

Во одличниот текст на Венка Симовска, од универзитетот Архус, Копенхаген, за образовните системи во скандинавските земји стои: „(Тие) одвојуваат висок процент од БДП за образованието, сите се обидуваат да развиваат образовни политики кои ги следат најновите научни истражувања во областа и сите вложуваат голема енергија и ресурси во вградување на вредностите на демократија, социјална правда и еднаквости во образованието, заедно со високи академски стандарди.“

Во Шведска и Данска за образованието се издвојува речиси 7% од БДП, додека во Македонија се издвојува двојно помалку (3,7%). Дали нашата земја е подготвена да вложи повеќе? И понатаму: „Потребни се пари, да, но и стручни, способни професионалци, на сите нивоа – од министерството, до општините, до директорите на училишта, наставниците, факултетите за обука на наставниците итн.“ Дали имаме ваков кадар и дали сме подготвени да го изградиме и платиме? Ние тргнуваме од произволна придобивка на еден образовен систем без да водиме сметка кои чекори се преземени да се дојде до овие нешта.

Во исчекување на одговорите

Затоа, пред да дозволиме со нашите деца уште еднаш да се експериментира, да се потрудиме да ги добиеме одговорите на прашањата за учебниците, методологијата, временската рамка, буџетот и конкретните чекори на овој експеримент. Потоа можеме да ги преиспитаме критички едно по едно и да заклучиме заедно – МОН, СОНК, експертите, граѓаните и да не ги заборавиме најбитните, оние кои ќе ги носат овие промени на грбот – наставниците, дали се работи за добра идеја. Секој кој е заинтересиран на темата може да ја прочита нацрт-концепцијата од МОН.

На крај, би сакал да одговорам и лично – дали сум за подобар образовен систем, дури и таков кој го предлага МОН? Апсолутно да! Но, би сакал таа реформа да биде коренита, не само по прашањето на предметите, туку да се направат и сите други чекори, во сите области кои се поврзани со образованието (нови програми, нови учебници, опремување на училишта, ребаланс на буџетот, еднаквост во образованието, високи стандарди во образованието заедно со поголеми плати на плати на просветните работници итн.), плански и систематски, па нека трае и со години, дури и со децении таа промена, битно да изградиме нешто солидно и што ќе трае, наместо избрзано и произволно.

 

Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на ММС и Институтот за комуникациски студии.