Дендиас: Ќе се обидеме да го олесниме решавањето на разликите меѓу Скопје и Софија – ММС
ММС

Објавено на: 01/28/21 10:14 AM

Дендиас: Ќе се обидеме да го олесниме решавањето на разликите меѓу Скопје и Софија

Како земја која одржува пријателски односи со Бугарија и Северна Македонија, ќе се обидеме на секој можен начин да го олесниме решавањето на нивните разлики – вели министерот за надворешни работи на Грција, Никос Дендиас во интервјуто за „Јуроњуз”.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, шефот на грчката дипломатија во интервјуто уште еднаш ја повторува поддршката на Грција за европската перспектива на регионот.

– По Солунската агендата, Грција е цврст поддржувач на европската перспектива на Балканскиот Полуостров и секако на Западниот Балкан, а особено во конкретниот случај на Северна Македонија и Албанија. А како земја која одржува пријателски односи со Бугарија и Северна Македонија, ќе се обидеме на секој можен начин да го олесниме решавањето на нивните разлики. И сигурен сум дека сите ќе го ценат тоа, вели Дендиас.

На прашањето дали Грција би презела конкретни иницијативи, шефот на грчката дипломатија одговара дека „иницијатива е многу силен збор” и додава дека тие се пријатели со сите и се обидуваат на сите да им помогнат.

– Но, повторно треба да кажам дека треба да ја гледаме големата слика, а големата слика е иднината на Балканот во Европската унија, истакнува министерот за надворешни работи на Грција во интервјуто за „Јуроњуз”.

 

МИА