Тренерот на Волвс, Нуно Еспирито Санто, оптимист е во однос на враќањето на терен на својот најдобар фудбалер, Раул Хименез.
Мексиканецот на гостувањето на „Емирати“ во првиот дел од сезоната се задоби со тешка повреда на главата која првично требаше да го оддалечи од играње фудбал до крајот на тековната сезона. Но, португалскиот стратег мисли поинаку и смета дека Хименез би можел да се врати во првиот состав на „волците“ при крајот на кампањата 2020/21.
-Ние сме целосно позитивни дека враќањето на Раул сезонава може да се случи. Пристигнуваат добри вести во врска со неговото закрепнување секој ден. Гледам дека трча, крева тегови и ги прави сите оние физички вежби на тренинг сесиите. Олеснување е за секого, бидејќи првенствено тој е човекот, тој е Раул. Она што го сакаме е Раул да биде здрав, па потоа ќе гледаме да се врати и играчот Раул, ја пренесува „Bleacher Football“ изјавата на кормиларот на премиерлигашот.
По 19 одиграни кола Волвс се наоѓа на 14-тата позиција на табелата со освоени 22 поени.