Германија се сеќава на жртвите од холокаустот – ММС
ММС

Објавено на: 01/27/21 6:06 PM

Германија се сеќава на жртвите од холокаустот

Германија денеска оддава почест на жртвите од холокаустот со церемонија во парламентот на која присуствуваат претставници од еврејската заедница и политички лидери на земјата, јавува агенцијата Анадолија (АА).

Претседателот на Парламентот, Волфганг Шојбле, изјави дека за време на владеењето на нацистите, милиони Евреи и други малцински заедници претрпеле прогонства и биле убиени во логорите на смртта низ германски окупираната Европа.

„Секоја година, на 27 јануари се сеќаваме на сите жртви на националниот социјализам [нацизмот]“, рече тој на одбележувањето на 76-годишнината од ослободувањето на логорот на смртта во Аушвиц од Советската армија на 27 јануари 1945 година.

„Денеска се сеќаваме на европските Евреи, Синти, Роми и Словени, принудните работници и воените заробеници кои починаа од глад. Се сеќаваме на оние кои беа прогонувани и убиени од политички или религиозни причини.“

Шојбле рече дека со децении по холокаустот, еврејскиот живот повторно станал вообичаен во земјата со имиграција на илјадници Евреи, кои станаа составен дел од денешната демократска и културно разновидна Германија.

Но, тој исто така предупреди дека земјата сè уште има проблем со расизмот и антисемитизмот, и покрај нејзината култура за сеќавање на Втората светска војна.

„Во нашата земја, антисемитизмот и расизмот повторно се изразуваат отворено, на бескрупулозен начин и со насилство“, рече тој, осврнувајќи се на зголемувањето на екстремно десничарските движења во последниве години.

Шојбле изјави дека е срамота за Германија тоа што многу Евреи ги кријат своите кипи и својот идентитет, дури некои од нив планираат и да ја напуштат земјата.

„Нашата култура на сеќавање не обезбедува заштита од бесрамни обиди за повторна интерпретација на историјата, па дури и од негирање на историските факти, ниту заштитува од нови форми на расизам и антисемитизам кои се шират низ училишните дворови, форуми на интернет и теории на заговор“, рече тој.