Обична позајмица до крајот на сезоната и број 11 на грбот. Мартин Одегард од Реал Мадрид во јануарскиот преоден рок се пресели во Арсенал и ќе го носи дресот на „топџиите“ во следните пет месеци.
Одегард на почетокот на кампањата 2020/21 срамежливо добиваше по некоја шанса во тимот на Зинедин Зидан, но како што одминуваше сезоната, така и Норвежанецот се префрли во втор план на францускиот стратег.
-Презадоволни сме што пристигна Мартин во нашиот клуб до крајот на сезоната. Би сакал да се заблагодарам на сите во Реал Мадрид и претставниците на Мартин за нивната колаборација и овозможувањето на овој трансфер. Тој е неверојатен талент и ние го зајакнуваме составот со овој млад и возбудлив офанзивен фудбалер, изјави техничкиот директор на Арсенал, Еду.
✍️ It’s øfficial… 😉 pic.twitter.com/4eV5gNjK3x
— Arsenal (@Arsenal) January 27, 2021
Одегард важеше за еден од најголемите таленти во светот на фудбалот. Кариерата ја стартуваше во Стромгодсет во 2014 година каде што дебитираше на 15-годишна возраст, станувајќи најмладиот играч што воопшто стартувал меч во топ дивизија. Во 2015 година Одегард потпишува со Реал Мадрид. Позајмиците во Холандија во тимовите на Херенвен и Витесе и особено онаа најуспешна во Реал Сосиедад лани, ги натераа мадриѓаните да го вратат „дијамантот“ во своите редови и да му пружат шанса.
Сепак, шансата Одегард ќе ја бара во Премиер Лигата и веќе од викендов против Манчестер Јунајтед ќе го почувствува празниот „Емирати“.