Сеопфатен процес и подобра клима на соработка во носењето на образовните реформи, бара Меѓаши: Детската амбасада не беше поканета на средбата со Царовска – ММС
ММС

Објавено на: 01/27/21 2:15 PM

Сеопфатен процес и подобра клима на соработка во носењето на образовните реформи, бара Меѓаши: Детската амбасада не беше поканета на средбата со Царовска

Новата концепција за образованието и денеска беше тема на дебата со министерката која го предводи овој ресор, Мила Царовска. Таа ги слушна сугестиите на претставниците на професорите од сите универзитети во државата, а средбата следуваше по вчерашната на која присуствуваа претставници на граѓанскиот сектор. Тие укажаа на предизвиците чие решавање треба да се постигне со новите реформи. Иако ова се реформи од кои зависи едукацијата, но и воспитувањето на децата, на средбата не беше поканета Првата детска амбасада Меѓаши, која во својот фокус ги става токму правата на овој дел од популацијата.

Македонски медиа сервис се обрати до невладината за коментар на оваа тема, по што оттаму забележаа дека  процесот на дебата со невладиниот сектор не бил доволно транспарентен.

-Не ни е јасно како може министерката Мила Царовска да каже дека има поддршка од невладиниот сектор, кога не само Детската амбасада Меѓаши туку и многу други граѓански организации чија сфера на работа и мисија се децата и младите, воспитанието и образованието, не беа поканети и вклучени.  Сметаме дека е исклучително важно процесот во донесување на оваа реформа да биде  отворен, транспарентен, сеопфатен, вклучувачки односно да се оневозможи  нетранспарентниот однос или оневозможувачки и селективен пристап. Освен можноста на страната на Министерството да се достават коментари, предлози и сугестии за унапредување на содржината на документот, за ова прашање немаме повеќе информации – се вели во изјавата испратена до ММС МК.

Од Меѓаши сметаат дека во јавноста нема доволно информации како течел повикот за средбата со граѓанските организации.

-Од друга страна, пак, во јавноста се создава лажна слика дека невладиниот сектор е во голема мера запознаен и обединет, односно дека дава целосна поддршка за концепцијата – додаваат од Детската амбасада.

Како познавачи на состојбите со децата во земјава, ги прашавме претставниците на Меѓаши се главните предизвици на кои треба да се насочи новата концепција? Оттаму ни изјавија дека во македонското образование постојат стандардни „болки“, а имплементацијата на решението за нив допрва треба да се види.

-Да напоменеме само неколку од стандардните болки на образованието како преобемни или застарени содржини, наставен кадар оптоварен со административни обврски, недостаток на наставни средства, учебници итн. (имаме пример каде сме фотокопирале за цел клас учебник по стручен предмет кој не е поврзан со некоја наша активност, но загрижен наставник/чка побарале поддршка). Овие проблеми секако се вклучени и во новата концепција, но останува да се види како ќе бидат спроведени особено, чувствителните прашања за кои имаше мошне спротивставени гледишта во јавниот простор – додаваат во соопштението.

Оттаму коментираат дека воспитната компонента во образованието е речиси изгубена, поради што со новите реформи таа ќе треба да се врати за да може децата и младите да одговорат на предизвиците на денешното живеење како што се глобалните трендови и глобалните проблеми, технолошкиот напредок и слично.

Од Детската амбасада за ММС посочуваат дека досега имале повеќе состаноци со Министерството за образование и наука, но не и кога е во прашање новата концепција за која веќе извесно време се води дебата во јавноста.

МОН треба да гради клима на соработка, доколку сакаме партиципативно општество особено е важно институциите да овозможуваат вклучување и соработка со што поголем број чинители – заклучуваат од Меѓаши.

 

 

Вања Мицевска