Генералниот директор на АД ЕСМ, Васко Ковачевски на конференцијата „Визија за енергетска транзиција 2040“ посочи дека компанијата планира до 2025/6 година да го исклучи првиот блок од најголемиот енергетски капацитет во земјава, РЕК Битола, кој работи на јаглен, и да го замени со когенеративна гасна електрана со моќност од 250 мегавати која ќе се користи и за топлификација на Битола, додека другите два блока да се модернизираат и тоа до 2023 година со темелна реконструкција на електростатските филтри, а до 2026 година и со целосна десулфуризација и декарбонизација со што ќе им се продолжи векот на траење, но и ќе се подобри еколошката прифатливост и ќе се задоволат европските стандарди.
Ковачевски потсети дека се планира целосно затворање на ТЕЦ Осломеј и изградба на фотоволтаични електрани на просторот на термоцентралата со инсталирана моќ од 100 мегавати, кој проект веќе се гради на терен, додека планот на државата е претворање на ТЕЦ Неготино (која не е во рамките на АД ЕСМ) во гасна електрана. Што се однесува до ветерните електрани, Ковачевски соопшти дека се зголемува капацитетот на ветерниот парк Богданци, како и планирана инвестиција во ветерен парк во Миравци, додека фотоволтаични (соларни) електрани ќе се градат во близина на сите постоечки производни објекти на АД ЕСМ.