СИРИЗА бара активирање на групата за пријателство Северна Македонија – Грција – ММС
ММС

Објавено на: 01/26/21 10:13 AM

СИРИЗА бара активирање на групата за пријателство Северна Македонија – Грција

Активирање на парламентарната група за пријателство меѓу Северна Македонија и Грција и одржување тематски состаноци во областите од најголем интерес за двете соседни земји, бараат пратеници од СИРИЗА во писмото до претседателот на конкретната група, пратеникот од Нова демократија Јоргос Влахос и до претседателот на грчкиот Парламент Костантинос Тасулас, јави дописничката на МИА од Атина.

Дописот е од потпретседателот на групата за пријателство Северна Македонија- Грција, пратеникот од СИРИЗА Никос Папас и од поранешниот шеф на грчката дипломатија Јоргос Катругалос, кој воедно е и надлежен за надворешна политика во опозициската партија, а го потпишуваат вкупно 17 пратеници од СИРИЗА, членови на групата за пријателство меѓу двете земји.

– Со цел дополнително зајакнување на суштинската соработка меѓу двете земји, Ве молиме да преземете иницијативи за јакнење како на дипломатските така и на парламентарните односи меѓу Грција и Северна Македонија и бараме итно „активирање” на групата за пријателство и одржување на тематски состаноци во областите од најголем интерес за двете соседни земји, пишуваат пратеници од СИРИЗА во дописот и додаваат дека тие ќе поддржат секаква иницијатива.

Групата за пријателство е формирана во март минатата година, но досега не е одржан ниту еден состанок иако, како што пишуваат пратениците од СИРИЗА, по Договорот од Преспа „се отвори ново поглавје во дипломатијата, надворешната политика и економската соработка меѓу двете земји”.

-Оваа нова реалност веќе ја прифаќа и Владата на Нова демократија, која изјавува дека го гарантира и почитува Договорот од Преспа, тврди дека тој мора да се почитува во целост и самата Влада ги признава огромните и повеќекратни придобивки што произлегуваат за нашата земја од спроведувањето на овој историски договор, пишуваат во дописот пратениците од СИРИЗА, пренесе МИА.

Групата за пријателство Северна Македонија – Грција во грчкиот Парламент брои 23 членови, од кои еден претседател, еден потпретседател и секретар.

Претседател е пратеникот од Нова демократија Јоргос Влахос, негов потпретседател е Никос Папас од СИРИЗА, а секретар пратеникот од Комунистичката партија Јоанис Делис.

Останатите 20 членови се 15 пратеници од СИРИЗА и пет од Нова демократија.

 

МИА