Угостителите в петок на средба со вицепремиерот Битиќи – ММС
ММС

Објавено на: 01/25/21 12:23 PM

Угостителите в петок на средба со вицепремиерот Битиќи

Независната угостителска комора (НУК) в петок ќе се сретне со вицепремиерот, Фатмир Битиќи во врска со доставените и предложени барања и очекувања од Владата за поддршка и помош од петтиот сет економски мерки.  За ова информира претседателот на Независната угостителска комора, Здравко Јосифовски кој соопшти дека средбата била потврдена денеска во 10 часот од Кабинетот на заменик претседателот на Владата за економски прашања, координација со економските ресори и инвестиции, Битиќи.

На работната средба во име на целокупната угостителска индустрија, претставниците ќе имаат можност да дадат придонес во креирањето на, како што вели, Јосифовски неопходниот петти сет економски мерки кој се надеваме ќе биде последен.

Нивното основно и круцијално барање е да добијат субвенција – поддршка и помош за бруто плати за угостителските работници за периодот јануари-март 2021 со што на угостителите ќе им се овозможи да ги задржат во целост своите вработени.

-Се надеваме дека заеднички согласно можностите на Владата ќе изнајдеме начини за реализација и на останатите очекувања и барања кои се прифатливи за угостителската индустрија. Во зависност од можностите и условите за одржување на работната средба доколку дозволуваат условите и протоколите на средбата покрај претставници на НУК ќе бидат поканети и претставниците на здруженијата Клуб еснаф од Битола, Прилепски меанџии од Прилеп, Тиквешки угостители од Кавадарци, Бисер од Куманово, ЗУТ Крушево од Крушево, Антигонеа од Неготино и Охридски еснаф од Охрид, вклучувајќи и претставници на останатите туристичко угостителски комори, порача претседателот на НУК, Јосифовски.