Хемиската и микробилошката анализа потврдува дека водата од водовод Росоки – Дебар е исправна за пиење, потврдија од Центарот за јавно здравје од Охрид.
„Во Дебар водата за пиење ги исполнува условите за здравствено исправна вода за пиење според Правилникот за безбедност на водата за пиење. Таа може да се користи за пиење, одржување на лична хигиена и хигиена на раце, во производство и промет на прехранбени производи“, информираше доктор Лидија Симоноска, специјалист по хигиена со здравствена екологија.
До заматување на водата дојде пред дваесеттина дена по обилните и интензивни дождови присутни на поширокото дебарско подрачје, што условија видно зголем дотек на вода во каптажата во село Росоки.
Од Јавното комунално претпријатие „Стандрад”, кое стопанисува со водоводот, препорачаа водата да се филтрира или преврива пред употреба. На почетокот на минатата недела водата се избистри, но се чекаа резултати од микробиолошката анализа.
Од водоводот Росоки – Дебар со вода за пиење се снабдува градот Дебар, селата Долно Косоврасти и Рајчица, низ кои минува водоводот а од кракот што се издвојува кај Мелнички Мост и дел од Општина Центар Жупа.
Деновиве, по повеќе од 30 години, беше извршена целосна замена на системот за хлорирање во главниот градски резервоар, за што локалната власт на Дебар издвои средства во износ од 6.000 евра од општинскиот буџет.
МИА


