Синдикатот на „Југохром“ контра обвинувањата од „Еко герила“ – ММС
ММС

Објавено на: 07/19/18 11:39 AM

Синдикатот на „Југохром“ контра обвинувањата од „Еко герила“

Синдикатот на „Југохром“ ги оценува обвинувањата од здружението „Еко герила“ како тенденциозни и неточни и бара да му се овозможи на комбинатот да почне со работа, а паралелно со тоа да продолжи инсталацијата на системот за отпрашување.

Според синдикатот, обвинувањата од „Еко герила“ дека „Југохром“ е најголемиот загадувач во Полошкиот регион се неаргументирани и тенденцијата е овој комбинат да не работи.

Од Синдикатот денеска на прес-конференција посочија дека нивните анализи направени врз основа на податоци од надлежни институции покажуваат дека и во периодот кога „Југохром“ не работел, имало загадување на воздухот.

– Во јануари 2016 година загадувањето на Тетово е 213 микрограми, а „Југохром“ не работи, а во мај кога „Југохром“ работи и има потрошени 17.100 мегават часови, загадувањето е 52 микрограми на метар кубен. Во јануари 2017 година, кога „Југохром“ веќе не работи, има загадување од 116 микрограми, а во април 32 микрограми. На што се должи ова, праша Борче Анчевски од „Југохром“.

Претседателот на синдикатот Бајрам Амити ги отфрли тврдењата дека Полог е еден од регионите со најголем број на белодробни и канцерогени заболувања бидејќи според податоците од Институтот за јавно здравје, Полошкиот регион е на седмо место по оваа основа.

Прашуваат и зошто „Еко герила“ не ја прифатиле нивната иницијатива да се ангажира акредитирана лабораторија која ќе изврши мерење на воздухот во Тетово.

Според синдикатот, на филтер станицата се работи интензивно и се очекува во најскоро време целосно да заврши овој процес.

Комбинатот „Југохром“ не работи веќе две години поради неисталирање на филтри за прочистување на воздухот. Од Владата се категорични дека се додека не се постават филтрите, „Југохром“ не може да почне со работа.

 

 

 

Извор:МИА