Стерјовски бара објаснување од премиерот Рама зошто нема легализација на дивоградбите во Пустец – ММС
ММС

Објавено на: 01/23/21 12:51 PM

Стерјовски бара објаснување од премиерот Рама зошто нема легализација на дивоградбите во Пустец

Пратеникот на македонската партија – Македонска алијанса за европска интеграција, Васил Стерјовски, до Собранието на Албанија поднесе барање, премиерот Еди Рама на пленарна седница да даде објаснувања во врска со проблемите на сопственоста и процесот на легализација во општина Пустец.

Барањето е врз основа на деловникот за работа на законодавниот дом, каде со член 96 се предвидува пратеник да побара објаснувања по одредени прашања од премиерот и министрите.

-Општина Пустец е единствената општина во Република Албанија каде ниту еден објект изграден без одобрение не е легализиран, како оние од пред 1991 година, така и оние изградени потоа. Веќе 30 години на жителите на македонската заедница во општина Пустец им е ускратено правото да ги легализираат објектите, иако во споредба со другите општини тука, бројот на дивоградби е многукратно помал, изјави Стерјовски за МИА.

Додава дека во 95 отсто од случаите, изградените објекти се на земјиште на лицата кои граделе без одобрение и не претставуваа никаков проблем Државната агенција за катастар да го започне и заврши целиот процес на легализација, чии сопственици поднеле барања за легализација со потребната документација.

-Поради тоа, барам одговор од премиерот Рама зошто не е започната постапката за легализација, дали има некаков план и кога се размислува да се започне со процесот на легализација на дивоградбите во општина Пустец. Друг проблем е што државното земјиште, што според законот и припаѓа на општина Пустец, нема имотен лист и општината губи приходи од тоа што не може да го издава под закуп. Затоа го прашувам премирот зошто ова земјиште нема имотен лист, вели тој.

Исто така, посочува Стерјовски, жителите на општина Пустец, сопственици на земјоделското земјиште кое го поседуваат врз основа на законот за распределба на земјиштето, поради недостатоци во документацијата или човечки грешки при неговото стекнување, не успеале да извадат имотни листови.

-Ова е проблем кој масовно се среќава во Општина Пустец поради грешки, главно при распределба на земјиштето во согласност со законот 7501 и кој сè уште не е решен до денес. Прашувам дали Државната агенција за катастар го следи процесот на регистрација на земјоделското земјиште во општината Пустец, распределно според законот 7501 и каква е состојбата,додава Стерјовски.

Спорд деловникот, по неговото барање премиерот Рама во рок од две недели треба да даде објаснувања на пленарна седница на законодавниот дом.