Конференција „Бизнис без корупција“: Институциите да покажат дисциплина, граѓаните да знаат како им се трошат парите – ММС
ММС

Објавено на: 01/22/21 7:28 PM

Конференција „Бизнис без корупција“: Институциите да покажат дисциплина, граѓаните да знаат како им се трошат парите

Регулативи и механизми има, но фали имплементација на политиките за намалување и сузбивање на корупцијата. Борбата против корупцијата  мора да бидат резултат на синергија и соработка помеѓу сите засегнати страни – бизнис секторот (приватен и државен), државните институции и граѓанскиот сектор. Сепак, корупцијата е “двонасочна улица“ и сите во општеството, почнувајќи од поединечно кон колективно ниво, мора ја смениме културата и перцепцијата за корупцијата и заеднички да придонесеме во искоренување на овој феномен којшто ја подјадува економијата и општеството генерално. Ова се дел од заклучоците на онлајн конференцијата „Бизнис без корупција“.

Фрик Јанмат, раководител на одделението за економски прашања, градење на институции и прекугранична соработка при Делегацијата на ЕУ во земјава истакна дека корупцијата може негативно да влијае во секоја област од животот – „бизнисот, инвестициите, образованието, работното место, иновациите, уживањето во јавни добра како чиста околина, јавна инфраструктура, здравје и безбедност”

„Институциите мора да покажат ред, дисциплина бидејќи граѓаните имаат право да знаат како се трошат нивните пари. Само со сузбивање на корупцијата ќе го поттикнеме економскиот развој, кој денес е силно потиснат од глобалната пандемија “, порача вицепремиерот Љупчо Николовски.

Директорката на здружението „Конект“, кое го организираше настанот, Никица Кусиниковазабележа дека борбата против корупцијата е долг и трнлив пат, на којшто само со заеднички сили на сите засегнати страни може да се остварат значителни резултати.“

На конференцијата денеска свое обраќање имаа врвни учесници од странство, како претставникот од Делегацијата на ЕУ, ЕБОР, швајцарската и бугарската мрежа на Глобалниот договор, експерт од Босна и Херцеговина, владини претставници, но и од домашни лидерски компании кои применуваат системи за интегритет штитејќи се од корупција и нејзините неповолни влијанија на бизнисот.

Конференцијата се одржа како завршен настан во рамки на проектот „Зајакнување на интегритетот и намалување на корупцијата во државниот и приватниот бизнис сектор“ финансиран од Европската Унија и спроведен од Центарот за граѓански комуникации во партнерство со  Конект  и Здружението на даночни советници.