Статистика или политика: Попис 2021 – ММС
ММС

Објавено на: 01/22/21 6:35 PM

Статистика или политика: Попис 2021

Дефиницијата вели дека попис на населението или цензусот претсавува организирано прибирање на разни податоци за населението кое се спроведува во една држава. Изминатиот период прашањето за пописот се актуелизираше откако Владата најави дека во април месец 2021 година ќе се спроведе оваа сериозна статистичка операција. Иако најавата беше дека до крајот на 2020 година ќе биде донесен законот за попис, кој ќе претрпи мали измани во однос на решението кое беше во собраниска процедура пред изборите и во делот на одредбата за стапување на сила тоа не се случи.  Кон крајот на месец декември минатата година опозициските  Алијанса на Албанците и Алтернатива и ВМРО ДПМНЕ вкупно поднеса четириесетина амандмани за истиот тој закон. Алијансата бараше да биде пролонгиран рокот за завршување на пописот и тој да се одржи на 30 април, како и Државниот завод за статистика да не ја води операцијата туку да се формира службена државна пописна комисија. ВМРО ДПМНЕ беше со барање да се обезбеди отисок од прст, а исто така и методологијата да биде составен дел на законот.

За предлог законот за попис на населението во Собранието се расправаше три дена, за да на 21 ви јануари истиот биде донесен со 62 гласа „ЗА“ на 29 та седница на Собранието. Овој закон го поддржаа пратениците од владејачкото мнозинство СДСМ, ДУИ и БЕСА, и опозициската Алијанса за Албанците и Алтернатива, додека пак опозициската ВМРО ДПМНЕ не учествуваше во гласањето.

Историјатот на пописот на наслението, домаќинставата и становите вели дека првиот современ попис на територија на Република Северна Македонија е спроведен во 1921 година. По Втората светска војна, се спроведени 8 пописи: 1948, 1953, 1961, 1971, 1981, 1991 и 1994 и 2002 година. Пописот во 1991 година бил со нецелосен опфат и затоа во 1994 година повторно е спроведен попис во истата декада. Пописот во 1994 година е прв попис во нашата земја по нејзиното осамостојување, додека оној во 2002 година е последниот спроведен попис на територија на РСМ.

Според последниот попис во 2002 година на нашата територија има 2,022, 547 жители и 564 296 домаќинства.

Пописот претставува исклучиво стручна статистичка операција и било какви политички влијанија не би биле од корист, вели поранешниот претседател на Советот за статистика, Благоја Маркоски, по професија географ и картограф. Тој вели дека ќе беше многу подобро да имаше подобра соработка и консензуално беше прифатен Законот за попис како рамка за реализација. Смета дека Државниот Завод за статистика  е сериозна институција која има капацитет да го спроведе пописот во целост за изработка на метологијата и за реализација на најразлични упатства, во контекст на припрема на попишувачи и реализација на терен.

„Реализацијата на теренот е многу важно како тоа ќе се спроведе во присуство на болеста Ковид 19 и  политичките влијанија колку тие на терен ќе имаат рефлексии во реализација на пописот. Според мое мислење не би требало воопшто да имаат и сите актери го сфатат значењето на еден попис како една масовна статистичка организација, важна за разни анализи и планирања и во контекст на тоа да  добиеме навистина реални податоци“, вели Маркоски.

Потенцираше дека намерите за политизација на пописот нема да бидат во корист на државата и негативно ќе се рефрлетираат во искористувањето на податоците.

„Сите треба да знаат дека без разлика кој етност, религија припаѓа тоа е индивидуа која треба да работи, да заработи, да јаде, да се облекува треба да задоволи разни свои потреби. И секое друго гледање само на духовни свои замисли би било негативно по опстанокот на личностите. И од тој аспект не треба тоа да биде приоритет кога станува збор за една сеопфатна статистичка операција во која ќе се опфатат голем број на сегменти како појдовна основа за било какви анализи и конечно еднаш да работиме со реални податоци за да добиеме реален преглед на ситуацијата како  да се развиваме во иднина“, изјави Маркоски.

Говорам, пишувам и кажувам дека пописот не е етничко пребројување, партиска и политичка определба туку појава која се следи во статистичките уредби, вели поранешниот директор на Заводот за статистика, Дончо Герасимовски, демографски аналитичар, а по образование магистер на науки кој учествувал во пет пописи и цели четири децении бил во статистиката.

„Немаме прецизни податоци во изминативе 18 години, како тоа население се зголемува или намалува тоа значи немаме целосни податоци тука е проблемот на иселувањето кое е присутно веќе подолг временски период, посебно во овие изминати 10 години, каде како појава од  страна на надлежни институции не се следи во земјава. Важно е какви се образовните карактеристики, колку имаме неписмено, колку писмено население, со основно, средно, високо образование, магистри, доктори на науки, академици се она што е присутно во земјава. Врз основа на возраста и населението во одредени населени места, општини се создава иднината врз основа на планирање. Тоа е широк спектар на податоци кои што се потребни на државата за нејзината иднина“, вели Герасимовски и додава дека државата изминатиот период има изгубено проекти немајќи свежи податоци за одредени плански региони кои што ги даваат меѓународни институции како помош и средства, врз основа на немање податоци за состојбата во земјата кои треба да ја отсликуваат реалноста.

Спроведување на пописот во време на пандемија, Герасимовски вели дека проблемот е присутен и треба да се има во предвид дека короната може да влијае врз пописот доколку нејзиниот процент на учество на заразени лица може да влијаат во севкупниот процес.

„Надлежната институција Државниот завод за статистика во соработка со надлежните од Министертсвото за здравство ќе ги почитуваат сите препораки, ќе ги преземат сите мерки и активности, имајќи предвид дека пописот оди по пат на интервју со влегување на околу 6000 учесници имајќи ги во предви државните инструктори , реонските пописни комисии, реонските инструктори, реонските попишувачи дека треба да имаат контакт со севкупното население. Тоа значи дека ќе мора да се влезе во секој објект, стан , зграда за да се има целосен опфат за целосни и веродостојни податоци. Не смее согласно методологија и закон да се испушти ниту еден државјанин, граѓанин, објект“, вели поранешниот директор на Заводот за статистика, Дончо Герасимовски.

Покрај политичарите кои со 62 гласа „ЗА“ го изгласаа Законот за попис, имаше реакции и дека Законот е неуставен. Претседателот на Левица, Димитар Апасиев реагираше на својот Фејсбук профил.

„Законот за ПОПИС во сред пандемија и прогласена кризна состојба е спротивен на чл. 39, ст. 2 од Уставот на РМ: „Граѓанинот има право и ДОЛЖНОСТ да го чува и унапредува сопственото здравје и здравјето на другите“! Значи, јас – по сила на устав – сум должен да не ги примам попишувачите дома во сред епидемија, оти може да ме заразат со коронавирус.

p.s. Да немавме Кацарска-судство, ќе ви паднеше како круша на Уставен суд. Ај, ако иам време деновиве, може и ќе ви го оспорам – чисто да ги тестираме ставовите на нашите „угледни правници“ и да се смееме со студентите на вежби за вашите експертутски правни мислења”, напиша Апасиев.

Ден пред Законот за попис да биде изгласан во Собранието, Арбр Адеми пратеникот од редовите на ДУИ во телевизиско гостување изјави „доколку на пописот излезе дека Албанците се помалку од 20 отсто, тогаш нема да ги признаам резултатите“.

Поранешната директорка пак на Државниот завод за статистика, Благица Новковска која не сакаше да зборува на тема попис по наше барање, очигледно дека е премногу гласна на социјалните медиуми преку тастатурата. Посебно е актуелна со статуси кои јавно се објавени на нејзиниот Фејсбук профил каде во еден оддвојуваме вели:
„Со пребројување до разнебитување.
Како универзитетски професор кој предава статистика и демографија, а врз основа на сето мое досегашно искуство и знаење може да кажам дека:

– ќе биде спроведен политички договорен попис, со силно охрабрување од…,

– најавен е комбиниран метод и користење на бази, (Иновативно, нема што!). Ама, изгледа дека комбинирањето  на „базите“ е веќе завршено!

– официјалната статистика е посрамотена и разнебитена., напиша Новковска на Фејсбук.

Г.Д