На саемот во Белград, главниот град на Србија, каде што во тек е масовна вакцинација против коронавирусот, од утрово се формираа редици во кои граѓаните чекаа да дојдат во ред за имунизација, јавува агенцијата Анадолија (АА).
Од денеска има два реда пред халата – еден за граѓаните кои претходно се пријавиле за вакцинација и се повикани да дојдат во одреден термин, а другиот за граѓани кои се пријавиле, но сè уште не добиле термин за вакцинација. Надлежните соопштија да не се одбива никој кој ќе дојде и сака да се вакцинира.
Процедурата е таква што прво се пополнува образец со податоци, потоа следува преглед кај лекар, а потоа се оди до информатичкиот дел, каде што податоците се внесуваат во базата.
Потоа се оди во една од 17-те кабини за вакцинација, а по примањето на вакцината треба секој да остане во чекалницата 10-15 минути, со цел да се утврди дека нема негативни ефекти.
На белградскиот саем се спроведува имунизација со кинеската вакцина „синофарм“.
Во Србија масовната вакцинација започна во вторникот и според официјалните податоци досега се вакцинирани 85.000 граѓани.
Граѓаните кои сакаат да се вакцинираат можат да се пријават на порталот за е-Влада или со јавување на телефонски број, а досега интерес за пријавување преку сајтот е-Влада изразиле околу 466.000 лица.
Исто така, од денеска е воведена можноста здравствените работници да можат да се вакцинираат на секое место одредено за тоа во периодот од 14 до 15 часот.
Според планот за имунизација, во првата фаза се вакцинираат здравствените работници, вработените во домовите за стари лица и установите за социјална заштита, потоа лицата постари од 65 години во домовите, сите постари од 75 години, но и просветните работници, припадниците на Министерството за внатрешни работи, војската на Србија и медиумските работници.