Основното јавно обвинителство поднесе жалба против условната осуда за државениот советник за полициски и криминалистички работи во кабинетот на поранешниот министерот за внатрешни работи Наќе Чулев, Зоран Ѓорѓевски, за кој имаше обвинителен предлог дека во јули минатата година физички го нападнал командирот на Полициската станица во Тетово.
Од ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција соопштија дека се незадоволни од пресудата со која на Ѓорѓевски му е изречена условна осуда и по добивањето на писмената пресуда ќе поднесат жалба. Во обвинителниот предлог Обвинителството побарало од Судот Ѓорѓевски да биде огласен за виновен за кривично дело „насилство” и да му биде изречена казна која согласно законот предвидува затвор од шест месеци до пет години.
– На рочиштето одржано на 20 јануари 2020 година во Основниот кривичен суд Скопје, по признание на вина обвинетиот Зоран Ѓорѓевски е огласен за виновен и му е изречена алтернативна мерка – условна осуда, односно казна затвор од 2 години која нема да се изврши доколку обвинетиот во рок од 5 години од правосилноста на пресудата не стори ново кривично дело, се наведува во соопштението на ЈО.
Според ЈО, Ѓорѓевски како лице со полициски овластувања, при вршење на службено дејствие и контрола на работењето на СВР Тетово сторил кривично дело „насилство” поради тоа што на 15 јули минатата година на раскрсница во Тетово, при вршење на увид за случена сообраќајна незгода, го навредувал и вршел грубо насилство врз оштетениот З.Т., командир на ПС Тетово и му нанел телесни повреди.