Собранието денeска во рамки на продолжението на 29. седница со 62 гласа „за“, без „воздржани“ и без „против“ го донесе Законот за попис на населението, домаќинства и становите во Република Северна Македонија во 2021. За пописот гласаа и 29 пратеници припадници на етничките заедници.
За Законот гласаа пратениците од владејачкото мнозинство СДСМ, ДУИ и Беса, и опозициската Алијанса на Албанците и Алтернатива. Опозицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ не учествуваше во гласањето.
Пред гласањето во повеќе процедурални забелешки опозицијата ги искажаа своите забелешки за законот и причините за недовербата во процесот. По барање на координаторот на ВМРО-ДПМНЕ претседателот на Собранието Талат Џафери даде пауза од еден час.
Податоците добиени од пописот ќе се користат за креирање на развојни политики, макроекономски планирања, научни и други истражувања и статистички цели. Индивидуалните податоци од Пописот може да се користат за воспоставување, водење и ажурирање на статистичките регистри кои се во надлежност на Државниот завод за статистика, согласно закон.
Личните податоци добиени со Пописот подлежат на заштита согласно одредбите од овој закон, Законот за државната статистика и прописите од областа на заштита на личните податоци.
Пописот ќе се спроведе во периодот од 1 до 21 април 2021 година, според состојбата на 31 март 2021 година, во 24:00 часот, што ќе се смета за критичен момент на пописот.
Со пописот ќе се приберат податоци за населението, домаќинствата и становите на територијата на Република Северна Македонија При спроведувањето на Пописот ќе се врши попишување на терен и ќе се користат истовремено податоци од збирките на податоци на МВР од базата на државјани на Република Северна Македонија, од МИОА податоци вклучени во регистарот на населението на Република Северна Македонија, од МОН од податоците за запишаните ученици во основни и средни училишта во тековната учебна година, од МТСП од податоците за лицата корисници на права на социјални примања по сите категории, од Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија од податоците за економската активност на лицата, од УЈП од податоци за лицата кои имаат примања и за кои се исплаќа персонален данок на доход, од ПИОМ-Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Македонија од податоци за примателите на пензија по сите основи, од Управата за водење на матични книги, податоци од матичните книги за родените, умрените и венчаните лица, од Агенцијата за катастар на недвижности од податоци за недвижностите и нивните движења, како и од Државниот завод за статистика од податоци од статистичките истражувања за запишани студенти на додипломски студии (прв циклус) на факултетите и високите стручни школи во академската година, како и податоците од статистичките истражувања за виталните настани и од Статистичкиот деловен регистар.
Пописот ќе се спроведе со употреба на пренослив компјутер, на посебна апликација, при што задолжително се применуваат технички и организациски мерки согласно прописите од областа на заштита на личните податоци.
Расправата за Предлог законот во Собранието, со којшто ќе се овозможи во државава да се спроведе попис по 19 години, заврши на 15 јануари.
Во земјава првиот попис е одржан во 1948 година. Спроведени се осум пописи, а последниот во 2002 година. Во 2011 година почна да се реализира ваква статистичка операција, но, таа беше прекината.
МИА