Четирите момчиња и рибарот се убиени кај Смилковско езеро, а шпекулацијата дека се убиени на друга локација а потоа се донесени кај езерото, обвинителката Фатиме Фетаи ја нарече научна фантастика.
Во својот завршен збор за случајот „Монструм“, Фетаи рече дека мора да ги побие разните теории кои ги наметнувала одбраната и кои се појавувале во медиумите во врска со убиството и потенцираше дека се работи за предмет за кој никојобвинител не сака да се повтори и да работи на него.
Фетаи бразложи дека убиството се случило на локацијата каде што беа пронајдени телата и не би било можно да се фингира, а за тоа укажувале пронајдените траги на лице место, локвите од крв и пронајдените чаури и проектили.
– За наводите дека заштитениот сведок не постои и бил инструиран, самите обвинители од СЈО имаа можност да го видат, така да сведокот постои и не е измислен, рече Фетаи, појаснувајќи дека доколку бил научен од некоко да зборува, ќе бил наведен да даде подетален опис, но исказот на сведокот имал нејаснотии и празнини.
Во однос на шпекулациите дека убиените деца се познавале со децата на собранискиот спикер Трајко Вељановски и дека имале нерасчистени сметки, Фетаи рече дека нема никакви докази и основи.
За возилото „опел омега“, пак, ја отфрли шпекулацијата дека е возило на полициските „Алфи“ и образложи дека било користено за транспорт при извршувањето на убиството., бидејќи биле пронајдени траги од обвинетиот Алил Демири, но и земја од кај Смилковско езеро.
– Дека Алил Демири, Африм Исмаиловиќ и Агим Исмаиловиќ се извршители на убиствата има докази и во текот на оваа постапка се изведени повеќе докази и искази на сведоци кои го потврдуваат ова, рече Фетаи.
Завршните зборови треба да продолжат по паузата од половина час.
За петкратното убиство на 12 април 2012 година, кога беа убиени момчињата Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски, Александар Наќевски и рибарот Борче Стефановски, во претходната постапка за случајот на доживотен затвор беа осудени Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ, Фејзи и Хаки Азири и Сами Љута.
Врховниот суд во 2017 година ги укина пресудите, ги ослободи од притвор осудените Агим Исмаиловиќ, Хаки Азири, Сами Љута и Фејзи Азири. Другите двајца обвинети се во бегство во Косово.
По укинување на пресудите случајот го презеде СЈО и беше вратен на повторно судење.