„Тато, дали мама ќе умре? Дали јас веќе немам мајка?“ – Јилдз Веапоска од Дебар поминува низ пекол откако по породување и извадиле три органи – ММС
ММС

Објавено на: 01/21/21 11:21 AM

„Тато, дали мама ќе умре? Дали јас веќе немам мајка?“ – Јилдз Веапоска од Дебар поминува низ пекол откако по породување и извадиле три органи

Бевме многу среќно семејство и не ни помислувавме дека  животот ќе ни се преврти наопаку, дека ќе поминуваме низ ваков кошмар, дека јас од безгрижна сопруга, мајка и здрава жена сега нема да можам да станам од кревет за да им се радувам на децата. Вака ја почнува својата животна приказна Јилдз Веапоска од Дебар, која пред неколку месеци радосно заминала во струшката болница за да се породи и по втор пат стане мајка, но место тоа, како што вели,  сега не може да стане од кревет за да си ги гушне децата, постарото синче, кое има четити години и ќеркичката, која сега има пет месеци. Јавноста е згрозена од она што и се случи на Јилдз, од здрава и права жена која заминала да се породи, сега поминува пекол без три органи- матка, јајник и бубрег. ММС ја контактираше Веапоска и уште на првото прашање-како си, таа низ солзи ни рече: „Како да бидам, кога не можам да станам од кревет, кога сеуште не може да ми влезе во глава што ми се случи и зошто поминувам низ овој пекол“.

Јилдз  е медицинско лице, осум години работела како медицинска сестра во брза помош во Дебар, професија, која таа ја одбрала уште кога била мала. Таа за ММС посака да ја раскаже нејзината животна приказна, во која, како што вели ни на крај памет не и дошло дека на само 28 години од здрава и права жена ќе стане половина човек и нема да знае како понатаму да продолжи да живее.

 

-И јас сум медицинска сестра,  си ја сакам професијата. Бев среќна мајка и сопруга, со сопругот Гафур си имаме супер брак, се сакаме. Од мирен и убав живот сега не можам себе да се гледам, а не деца. Јас израснав како сакано дете. Имам брат, кој живее во странство и родителите како единствена ќерка ме чуваа и сакаа. Никогаш не сум имала некаков здравствен проблем. Осум години работам во брза помош, во најтешката област, одев по сообраќајки, што се не видов пред очи. А сега не сум при себе и не знам како ќе почнам со работа. Не знам дали ќе закрепнам и како понатаму ќе биде. Благодарение на докторот јас не можам да имам повеќе деца. А уште кога бевме во врска со сопругот се имавме договорено дека ќе имаме три деца. Навистина многу сакав да имаме три дечиња. Ама сега заради него не. Ме осакати, заради него во најдбрите мои години место да му се радувам на детето јас не можам да го гледам, да го чувам, вели Јилдз.

Таа уште од мала знаела дека во животот ќе биде медицинско лице и ништо друго. Сите играчки како мала и биле медицински.

-Медицината ми беше животна желба, па ние сме медицинари скоро цело семејство. Тетка ми е докторка, другата тетка е медицинска сестра, брат ми учеше медицина. А јас, јас уште од мала сум ја сакала медицината. Како мала сама сакав да мерам притисок и сите мои играчки биле такви,  само со медицински играчки сум се играла. Кога бев бремена со првото дете бев пред крај со студирањето. Професорите се шегуваа со мене, ми велеа- абе ќе родиш, а уште идеш на испити. И откако го родив синчето продолжив да учам и  дипломирав, вели таа.

Траумите во врска со оваа ситуација не ги има само Јилдз, туку и целото семејство. Особено, како што вели таа, синчето, кое има четири години и кое ја гледало драмата што се случувала во струшката болница, бидејќи заедно со татко му дошле да ја земат Јилдиз од болница со бебето, не помислувајќи дека место среќа ќе доживеат кошмар, кој ќе им го змени животот.

-Синчето има четири години и е многу свесно и многу е под стрес. Сега кога ќе слушне сирена од брза помош или полиција ги затвора ушите и трча кај мене, се крие и вели: „Немој пак да те земаат“. Тој беше во Струга со татко му кога требаше да ме испишат со бебето и видел се. Како лежам, како ме носеле. Му рекол на сопругот- дали мајка ми умре, дали јас веќе немам мајка. Беше весело и среќно дете, одеше и во градинка, а сега од мене не се одлепува. И во тоалет е со мене. Кога се вратив од болница беше многу ослабен. Не сакал да јаде. Велел- кога ќе дојде мајка ми ќе ми даде да јадам. За да го смират му кажале дека спијам, а тој постојано прашувал кога ќе се разбудам. Сега само гледа во мене со страв и ме прашува: „Зошто не стануваш, зошто не одиш, зошто не си како нас“. Ми поставува прашања кои ми ја горат душата. А навистина имавме убав живот, нормален. Си го носев во градинка, па после работа  кога ќе го земев од градинка ќе одевме да си игра.  Оф, не можам да се помирам со тоа што ми се случи а колку бев среќна, колку убав живот си имавме, вели низ солзи Јилдз и додава:

-Мене траумите ќе ми останат, но не знам  дали на сичето ќе му поминат. Ми вели -јас кога ќе пораснам ќе учам за доктор, па ќе му кажам на докторот што те направи болна. А мене ме фаќа паника за се понатаму. Колегите од болницата ги соблекуваат мантилите за да не ги гледам. Ме уништи. Здрава и права заминав да станам мајка а сега пеколот го живеам. Нависнина живеев скромен, но убав живот. Од мала  сакам да спасувам животи ама дојде ден мене животот ми го земат од раце. Четири месеци лежам, сама не можам до тоалет, не можам да го нахранам бебето.  Цела фамилија мора да е до мене за да ми помага. Затоа ќе се смирам само кога ќе се задоволи правдата. Ќе одам надвор од Македонија за да истерам работата до крај, вели таа.

Јилдз вели дека досега никој не и кажал зошто струшкиот доктор и ги извадил органите, освен дека и ги извадил и дека имала обилно крварење, но не и зошто имала обилно крварење.

-Ми велеа да се смирам, да бидам подобро. Секако голема поддршка од лекарите од Скопје, тие ме спасија. А не како тој што вели дека тој ми го спасил животот. Јас здрава и права заминав на породување, а не органи за да вадам. Јас се решив да го пријавам кога станав свесна што се ми случувало. Во Министерство за здравство знаат уште кога бев во кома. Тетка ми и маж ми биле во ДСЗИ и им било речено дека треба лично да пријавам.  „А како да дојде кога е во кома“, им рекле тие. Затоа чекав малку да закрепнам за да одам лично да го пријавам. Сето ова кога се случувало, уште кога сум била на Карил, сегашниот заменик министер ја знае целата состојба, бидејќи кога се случуваше ова тој беше директор. Од првиот ден, уште кога бев во кома знаат. Требаше да чекаат сама да станам и да пријавам? Што ако не се сеќавав. Што ако умрев? Кој ќе покренеше постапка. Но, добро е што сум жива и што излегов сама за ова да зборувам, за да се знае, за да не му се случи на друг ова јас што го живеам. Сега чекам одговор од Лекарска комора, но и подготвена сум да одам во странство.

Има и надвор од Македонија судови, ќе одам и во Стразбур. Ќе направам испитување надвор од државава, во приватна клиника, бидејќи тука не верувам на никого. Не само јас, требаше и Клиниката да го пријави докторот, не носат куче туку човек, мајка носат. Тие виделе што се случувало. Тој само повторува- јас и го спасив животот. И сопругот му вели- добро ете си го спасил животот, си извадил органи ама кажи што доведе до тоа. А тој само молчи, немаме никаков одговор. Сега сакал по партиска линија да дојдел да сме се договориле. Што ќе се договори? Пари ли ќе ми даде? Ќе ме поткупи ли? Милиони да ми понуди не ми се важни. Не ми е мене до пари. Може ли да ме поткупи. Јас сакам да ми ги врати органите назад. Јас кога бев во нивни раце тој правеше со мене како што сака. Е сега јас сум на ред и ја сакам само вистината и правдата. А не да измислуваат дека кога сум била мала сум имала проблем со колк и дека ќе ми стават инекција и ќе помине.  Како може да знааат подобро од мене каков живот сум имала, кога  јас знам дека и како мала и како голема не сум имала проблем. Затоа нема да отстапам. Ќе отстапам само ако ми ги вратат органите назад. Ако ми го вратат животот назад, вели тажно Јилдз.

Сликите се објавени со дозвола од родителите