Вицепремиерот задолжен за економски прашања, координација со економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи не се согласува со констатацијата на Независната угостителска комора дека угостителите не се поддржани наспроти сите останати сектори.
Во одговор на новинарско прашање, Битиќи денеска посочи дека уште во првиот и вториот актикризен пакет имало мерки насочени само кон угостителскиот сектор и оти само во делот на мерката за финансиска поддршка процентуално гледано искористеноста во овој сектор е солидна.
Тој вели дека е отворен за комуникација со секого, но оти во овие тешки времиња сите треба да бидат разумни во очекувањата и можностите.
– Јас сум отворен да комуницирам дури и со неистомисленици без разлика дали тие претставуваат само мала група на луѓе или претставуваат поголема група на стопански субјекти. Имаше период на изјаснување за собирање на предлозите за мерките. Ќе ги видиме и ќе разговараме, но треба да сфатиме дека во овие тешки периоди, сите треба да бидеме разумни во очекувањата и можностите, рече Битиќи, додавајќи дека сите ќе бидат помогнати во рамки на возможното.
Во однос на барањето на угостителите за средба до 25 јануари, Битиќи рече дека тоа би требало да се реализира доколку дозволат условите со Ковид ситуацијата, но оти има и други механизми како што е онлајн комуникацијата.
Вицепремиерот повтори дека следната недела ќе се разгледа можноста за продолжување на работното време на угостителските објекти по 21 часот, но, како што рече, секоја мерка што се носи мора да оди парарелно со примарната цел, а тоа е здравјето на граѓаните.
Прашан дали чувствува морална одговорност за советниците Владимир Пешевски и Кирил Миновски во Советодавното тело за љубов кон татковината, а особено за Пешевски за кој се води судски процес за автопатот Кичево-Охрид, вицепремиерот Битиќи рече дека едно од правилата кое го почитува е презумцијата на невиност. Тој не гледа ништо лошо во тоа да биде прашан кој било за мислење и смета дека не е грев да разговара со неистомисленици.
– Дали чуствувам морална одговорност? Одговорот ќе биде – толку колку што чувствуваат морална одговорност одредени медиуми за тоа дека има колебање дека јас сум заразен со ковид и дека намерно избегнувам да излегувам во јавноста. Една од доблестите на луѓето е да разговараат со сите. Ако сакаме да градиме едно демократско општество во кое сите чинители ќе бидат вклучени во развојот на нашата земја, сметам дека треба да има основни правила. Едно од правилата кои јас ги почитувам е презумцијата на невиност. Јас не можам да мислам дали некој е виновен за нешто кога никој друг тоа го нема се уште потврдено. Јас ги гледам луѓето само како луѓе кои можат или не да придонесат, нагласи Битиќи.
Тој посочи дека Пешевски и Миновски се повлекле како разумни луѓе во моментот кога виделе дека има реакција од јавноста.
– Не гледам ништо лошо во тоа да биде прашан кој било да даде мислење, особено затоа што ниту едно од тие работи кои беа разговарани на првиот состанок, се уште не се преточени во какви било јавни политики. Ако тоа е најголемиот грев којшто го имам направено, секако барам извинување, но не сметам дека разговарањето со неистомисленици е голем грев, истакна Битиќи.
МИА