Необичен случај со кој морала да се позанимава и полицијата, неодамна ја изненадил јавноста и работниците на аеродромот О’Хер во Чикаго. Имено маж од Калифорнија кој се плашел да си оди дома поради коронавирусот, е пронајден на меѓународниот аеродром каде и живеел речиси три месеци.
Адитја Синг уапсен е во саботата и обвинет е за лажно претставување во ограниченото подрачје на аеродромот и за кражба помала од 500 долари, потврдила чикашката полиција за „Си-Ен-Ен“.
Синг во неделата се појавил пред судот, а според „Чикаго Трибјун“, обвинителот рекол дека Синг на О’Хер од Лос Анџелес стигнал уште од 19 октомври. Таму наводно тајно живеел се до апсењето на 16 јануари.
Во извештајот се наведува дека е лишен од слобода откако двајца работници на „Јунајтед Аирлајнс“ му се обратиле и му побарале идентификација. Тој тогаш им покажал аеродромска картичка која му припаѓала на оперативниот менаџер, кој пак ја пријавил за исчезната кон крајот на октомври.
Од обвинителството истакнале дека Синг пред судот тврдел дека се плашел да оди дома поради коронавирусот и дека другите патници му давале храна.
Инаку Синг живеел во предградие на Лос Анџелес и немал криминална позадина. Одредена му е кауција од 1000 долари и услов да не влегува повторно на аеродромот О’Хер.
О’Хер е еден од најпрометните аеродроми на светот, кој до пред пандемијата имаше 84,6 милиони патници годишно.