Големината на човекот е во неговата хуманост: Штипјанката Кристина и две нејзини соученички матурираат со позитивна општествена промена – ММС
ММС

Објавено на: 01/19/21 7:36 PM

Големината на човекот е во неговата хуманост: Штипјанката Кристина и две нејзини соученички матурираат со позитивна општествена промена

Големината на секој човек се гледа во неговата хуманост – вели младата штипјанка, Кристина Христова. Таа е ученичка во Гимназијата „Славчо Стојменски“ и од ова мото се водела кога размислувала како да ја реализира својата проектна активност со која треба да го заокружи средното образование.  Кристина и нејзините соученички Ангела и Анастасија решиле да направат нешто поинакво и да реализираат проект со хуманитарна цел, со кој ќе ги разведрат децата во СОС Детско село.

„Професорката, Данка Јовева која ни е класен раководител ни соопшти дека годинава во однос на проектната активност има измени, односно оставена е можност да се направи избор и да се покрене младинска иницијатива за промена во заедницата. Ова подразбира дека наместо да се изработи проект на вообичаениот начин, може да се реализира некаква волонтерска активност  или хуманитарна акција со цел  помош и поддршка на граѓани од социјално ранлива категорија.  Така мене ми дојде идеја да се вклучам со ваков проект преку кој би можела да дадам еден свој убав придонес во општеството. Ваков сличен начин на размислување имаа уште две мои соученички и кога ја известивме професорката, таа сметаше дека сме смислиле многу убав концепт“, раскажува Кристина за Македонски медиа сервис.

Професорката која е класен раководител на овие хумани ученички го предава предметот Филозофија, па според тоа, одлучиле дека е сосема соодветно таа да го менторира процесот. Апелот за донации бргу се прошири на социјалните мрежи, а матурантките наидоа на голема поддршка пред се’ од своите сограѓани, кои може да донираат храна, училишен прибор, книги, облека, обувки или што било друго кое би ги израдувало децата.

„Веќе има доста заинтересираност, некои донации се од нашите најблиски а и самите ние ќе донираме, дури веќе ги селектиравме работите што би сакале да ги дадеме.  Ќе донираат и познаници на нашите родители, а добивме пораки од граѓани од Прилеп и Кавадарци дека ќе пратат донации. Секако имаме најави и од штипјани, но тие донации се’ уште не сме ги зеле“, ни изјави средношколката.

Со оглед на тоа дека проектот треба да биде готов до крајот на следниот месец, таа и нејзините соученички, но и професорката, планираат донациите да ги достават околу 25. февруари.  Средбата со претставниците на СОС Детско село ќе ја документираат со фотографии, а проектот ќе треба да содржи и теоретски дел во кој накратко ќе треба да ја опишат неговата цел.

Со оглед на тоа дека наскоро ќе се „збогува“ со штипската гимназија ја прашавме Кристина како гледа на новиот начин на настава.

„Наставата е онлајн, мислам дека не може да се замени со ставата во училишните клупи, но сепак е подобро организирано од претходната година.  Секако дека ми недостига дружбата, особено што ова ни е последна година.  Ова време нема никогаш да се врати, но условите се такви какви што се и мора да се почитуваат мерките, за да излеземе сите побргу од оваа ситуација“, истакнува младата штипјанка Кристина која има амбициозен план да биде нутриционист во иднина, a разговорот го завршува со апел сите да бидат хумани и да ги стоплат детските срца.

 

Вања Мицевска