И покрај тоа што Руската амбасада во Скопје во неколку наврати ја известувала македонската влада за можностите за испорaка на руската вакцина, па дури и барале официјален состанок со координаторот за имунизација, до денеска од македонска страна нема покажано интерес за Спутник V вакцината. Ова во кратко е одговор од Руската амбасада на прашањето на Канал 77 дали има некаква комуникација со македонската влада за набавка на руската вакцина. Македонија и натаму останува единсвената земја во опкружувањето која нема набавено вакцини.
Првите 8000 вакцини на Фајзер во Македонија се очекува да пристигнат од Србија. На вакцините од Ковакс механизмот ќе се почека. Соседна Србија, која од денеска почна со масовното вакцинирање, отстапи 8000 дози од Фајзер, додека нејзините гртаѓани се вакцинираат со милион дози од кинеските вакцини, а има добиено и од руската вакцина.
-Амбасадата на Руската Федерација во повеќе наврати ја известуваше Владата на Република Северна Македонија за можности за соработка во испорака на руската вакцина. На 18 август, пред пет месеци, го информиравме министерот за здравство Венко Филипче, дека доколку е заинтересирана Владата на Северна Македонија, Рускиот фонд за директни инвестиции, кој ги има ексклузивните права за производство и продажба на «Спутник V» во странски земји, може да започне разговори за сите прашања од интерес во однос на вакцината и нејзината набавка, одговорија на прашањето на Канал 77 од Руската амбасада.
Од таму појаснуваат дека на 25 септември до шефот на Националниот комитет за имунизација, професор Александра Грозданова, било испратено писмо од Рускиот фонд за директни инвестиции. Во писмото била изразена подготвеност да се одржи состанок во формат на видео конференција за да се разгледат сите прашања околу вакцината.
-Досега немаме добиено одговор за овој предлог, велат од Руската амбасада.
Министерот за здравство, Венко Филипче на прашањето зошто во овој недостаток на вакцини не побарале информации за набавка на вакцини од Русија или Кина, одговори дека предност даваат на другите вакцини.
-Предност даваме на вакцините кои имаат серитификат од Европската агенција за лекови (ЕМА) и од Американската агенција за лекови (ФДА). Но, не значи дека руската и кинеската вакцини не се добри. И двете се развиени на безбедни платформи, а кога не’ контактираа од Амбасадата не беше завршена третата фаза од клиничката студија, одговори министерот Филипче.
Филипче додаде дека постапиле согласно постапките и процедурите за одобрување од мегународните регулаторни тела и врз основа на тоа се донесени одлуките.
Од Амбасадата на Руската Федерација соопштуваат дека македонските граѓани можат да добијат пристап до руската вакцина, ако Владата се одлучи за набавка на руската вакцина, а Рускиот фонд за директни инвестиции е подготвен да започне преговори, вклучително и за испорака на вакцината, која „секако ќе биде достапна по најконкуретната цена“.