Насилно отворена влезна врата и полеана со нафта целата покуќнина, оставиле зад себе вандалите, кои во некој од деновите од изминатата недела влегле во викенд куќата на сопственикот на Канал 77, Горан Гаврилов во Пехчево.
Викенд куќата се наоѓа во населбата Равна Река во Пехчево, каде во 25 години постоење, немало ниту еден ваков инцидент, со исклучок на случајот пред неколку години, кога мигранти, на поминување, влегле во некои од куќите во потрага по храна.
Меѓутоа, најновиот случај со викенд куќата на Гаврилов е специфичен и според првичните видувања на истражителите, носи печат на намера да заплаши и упати порака – „следен пат куќата ќе гори“. Се’ е на свое место, ниту е пребарувано, како при кражба. Очигледно, намерата не била нешто да се украде, туку да се упати застрашувачка порака.
Пехевчани и сопствениците на вили во Равна Река се децидни дека тоа е мирен крај, жителите не се насилници и очигледно се работи за вандали кои не се од крајот.
-Малешевци и да влезат, можат да земат алат, да се послужат и да го вратат назад. Но, да вандализираат, не е особина на овој народ што живее тука, рече еден од жителите на Равна Река.
Полицијата веќе два дена го истражува случајот. Се анализираат сите аспекти, вклучувајќи го аспектот на можна одмазда за информации објавени на Канал 77. Имено, во последните месеци, националното радио имаше серија истражувачки приказни, кои изнесоа коруптивни случаи, како и теми врзани за работењето на криминалното подземје.
Објавено на: 01/17/21 4:16 PM