На бурните реакции во јавноста кон министерката Мила Царовска за наводниот шал од 300 евра со кој таа се појави на средба со синдикалците, вчера се приклучи и лидерот на Левица, Димитар Апасиев. Тој на својот фејсбук профил сподели пост со кој ја критикува министерката, но и додаде хаштаг “Децата крв ќе ви плукаат”, што предизвика мноштво негативни реакции на социјалните мрежи. На прес-конференција на СДСМ, портпаролката Богданка Кузеска, ваквата порака на фејсбук ја оцени како скандалозна, екстремна и заканувачка.
– И покрај тоа што Апасиев се обиде да ја сокрие од социјалните мрежи, ништо не може да ја избрише оваа радикална изјава полна со омраза.Говорот на омраза е еднакво присутен како и ширењето дезинформации и лаги, зад кои се крие истата цел – поделба на граѓаните, дискредитирање и тоа се’ само заради партиски и лични интереси.Говорот на омраза е неприфатлив. А, кога тоа доаѓа од човек кој во Домот на демократијата треба да ги застапува интересите на граѓаните, е навредлив кон граѓаните и апсолутно недозволив, реагира Кузеска.
Од таму велат дека за целиот период откако Левица е дел од Собранието, освен омраза, поделби, закани и популизам, не понудиле ништо друго.
– Ниту еден единствен проект, ниту идеја, ниту предлог во интерес на граѓаните и државата. Самопромоција, со евтин популизам и ништо повеќе – и секогаш на линија со политиканството, блокадите, деструкциите на ВМРО ДПМНЕ.Исто како и ВМРО ДПМНЕ, со апсурдни амандмани се обидоа да ја блокираат финансиската поддршка на граѓаните и компаниите погодени од Ковид кризата, исто како ВМРО ДПМНЕ и Левица се противат на спроведување попис.Левица нема ништо свое, освен навреди, омаловажувања и омраза во огромни количини, рече Кузеска.
По негативните реакции, постот на Апасиев е избришан од неговиот профил.