На релито Дакар досега животот го загубија вкупно 31 спортист – ММС
ММС

Објавено на: 01/16/21 2:36 PM

На релито Дакар досега животот го загубија вкупно 31 спортист

Францускиот мотоциклист Пјер Шерпен e 31. спортист што го загуби животот на релито Дакар, пишува агенцијата Анадолија (АА).

И оваа година животот го загуби еден спортист за време на трката на релито Дакар, во коешто возачите минуваат илјадници километри и кое се смета за една од најтешките трки во светот.

Педесет и двегодишниот Пјер Шерпен, кој како независен натпреварувач учествуваше во оваа трка во категоријата мотоциклисти, го загуби животот во несреќата што се случи во 7. етапа од 43-тото рели Дакар во Саудиска Арабија.

Францускиот атлетичар, кој доживеа несреќа на 178-от километар од етапата помеѓу градовите Хаил и Секаке, беше пронајден во несвест на местото на настанот. Шерпен, кој пред почетокот на 7. етапата во генералниот пласман беше рангиран на 77. место, со хеликоптер на брза помош беше префрлен во болницата „Секаке“, каде што му беше опериран мозокот.

Шерпен, кој беше ставен во вештачка кома, ја изгуби 5-дневната борба за живот во градот Џеда, при транспортот до болницата во францускиот град Лил.

Шерпен, кој по 4-ти пат учествуваше на релито Дакар, стана 31-от спортист што го загуби својот живот во досегашните трки на ова натпреварување.

Во натпреварувањето што се одвиваше во категориите автомобили, мотоцикли и камиони, на кои од 2009 година им се приклучија и возилата за сите терени (АТВ), а од 2017 година и УТВ-возилата, досега покрај спортисти, животот го загубија речиси 50 лица.

Не се знае точната бројка на починати, бидејќи властите не го регистрирале секој смртен случај во текот на ова натпреварување. Меѓу загинатите има новинари, членови на организацискиот персонал и гледачи.

За време на трката во 1986 година својот живот го загуби и Тиери Сабин, основачот на релито Дакар, што низа години се одржуваше во Африка и беше преселено во Јужна Америка поради терористичките закани во 2009 година, а минатата и оваа година се одржа во Азија.

Сабин, кој беше страствен љубител на мотоспортот, загина заедно со уште 4 лица кога хеликоптерот во кој се наоѓале го погоди песочна дина поради ненадејната песочна бура што се појави во Мали.

Ви ги даваме имињата на триесетте натпреварувачи, што ги загубија своите животи пред мотоциклистот Пјер Шерпен на релито Дакар, што за првпат е одржано во 1979 година:

  1. Патрис Доден

Францускиот мотоциклист Патрис Доден почина во првата година од релито.

На првото натпреварување на трката што се одржуваше на релацијата Париз – Алжир – Дакар, Доден, кој во несреќа на етапата што се возеше во Нигер со главата удри во камен, почина во болница во Франција.

  1. Берт Остерхаус

Вториот смртен случај на релито Дакар се случи во 1982 година.

Четриесет и едногодишниот Берт Остерхаус, кој се натпреваруваше во категоријата мотоциклисти, почина на етапата на релацијата Кватре Чеминс – Тит во Алжир.

  1. Жан-Нуел Пино

Францускиот мотоциклист Жан-Нуел Пино почина откако удри во воено возило на етапата во Буркина Фасо во 1983 година, во неговото 4. учество на релито Дакар.

  1. Јасуко Кенеко

Јапонскиот мотоциклист Јасуко Кенеко по втор пат учествуваше на релито Дакар во 1986 година.

Кенеко (41) почина во францускиот град Сете, кога возач под дејство на алкохол со своето возило удри во неговиот мотоцикл.

  1. Џампаоло Маринони

Италијанецот Џампаоло Маринони, кој се натпреваруваше во класата на мотоцикли, стана вториот спортист што го загуби животот во трката во 1986 година.

Маринони, чиј црн дроб беше оштетен при падот на 40 километри пред крајот во последната етапа во Дакар, и покрај тоа што ја заврши трката, почина два дена подоцна поради инфекција.

  1. Жан-Клод Иже

Францускиот мотоциклист Жан-Клод Иже ја загуби контрола над својот мотор и удри во карпа на етапата во Мали во 1988 година.

Иже, кој по несреќата ја загубил свеста, почина два дена подоцна во болницата во која бил пренесен.

  1. Кес ван Лувезајн

Кеес ван Лувезајн беше вториот спортист што почина во годината кога почина и основачот на ова натпреварување, Хагер.

Холандскиот возач скокнал од неговиот камион што се превртел за време на етапата во Нигер, при што починал на самото место на несреќата. Во оваа несреќа, покрај починатиот Ван Лувезајн, тешко повредени беа неговите тимски колеги Крис Рос и Тео ван де Рајт.

  1. Патрик Канадо

Дента кога почина Кес ван Лувезајн, на релито Дакар 1988 година дојде до уште еден смртен случај.

Во 7-та етапа од релито животот го загуби Патрик Канадо, кој испадна од своето возило по судирот на два автомобила во пустините на Нигер.

  1. Франсоа Пику

За време на релито Дакар во 1991 година животот го загубија четворица спортисти.

Во втората етапа, Франсоа Пику, кој ја скрши карличната коска и претрпе повреда на главата во несреќа со неговиот автомобил, почина во болницата каде што беше пренесен во Франција.

  1. Шарл Кабан

Францускиот возач Шарл Кабан, кој се натпреваруваше во категоријата камиони, почина во 8-та етапа од трката во 1991 година, откако беше застрелан во судирот меѓу Армијата и бунтовниците Туарег во селото Кадеуан во Мали.

По смртта на Кабан беа откажани другите две етапи што требаше да се организираат во Мали.

11 / 12. Лоран ле Буржоа / Жан-Мари Сунилак

За време на етапата во либиската пустина во 1991 година починаа уште двајца возачи што се натпреваруваа во автомобилската класа.

Автомобилот на Лоран ле Буржоа и Жан-Мари Сунилак беше сериозно оштетен по несреќата, а двајцата француски возачи загинаа на местото на несреќата.

  1. Жил Лале

Жил Лале, победникот во категоријата мотоцикли од 1989 година на релито Дакар, почина во несреќа во 1992 година.

Два часа по завршувањето на 4-тата етапа во Конго, францускиот мотоциклист удри во едно од возилата на организацијата и почина во болницата каде што беше пренесен.

  1. Мишел Сансен

Белгиецот Мишел Сансен, кој по 5-ти пат учествуваше на релито Дакар во 1994 година, изгуби контрола над својот мотор и почина по несреќата на етапата што се возеше во Мавританија.

  1. Лоран Гиген

Натпреварувајќи се во категоријата камиони, Лоран Гиген стана жртва на конфликтот меѓу мароканската Армија и бунтовниците Полисарио.

Во петтаа етапа, францускиот возач, кој влегол во напуштено минско поле што ѝ припаѓало на мароканската Армија додека напредувал низ пустините во Мароко, починал заглавен во своето возило што беше зафатено од пламенот во експлозијата. Додека неговите колеги Паскал Лауденот и Винсент Бауден успеале да ја преживеат несреќата, Гиген немаше толку среќа.

  1. Жан-Пјер Ледук

Францускиот мотоциклист Жан-Пјер Ледук, кој за првпат учествуваше на релито Дакар во 1997 година, почина во несреќа што се случи во втората етапа што се одржи во Мали.

  1. Даниел Верњи

Белгискиот возач Даниел Верњи, кој беше исфрлен од автомобилот што повеќепати се превртел во пустините на Мавританија во 11-тата етапа од трката во 2002 година, починал неколку часа подоцна.

Членовите на екипажот на Верњи, Британецот Шеона Дорсон-Кинг, Белгиецот Кристоф ван Риф и Французинот Беноа Агоајер, успеаја да ја преживеат несреќата.

  1. Бруно Кови

Французинот Бруно Кови, совозачот на Даниел Небот, кој се натпреваруваше во категоријата автомобили, го загуби животот во своето прво учество на релито Дакар во 2003 година.

Кови починал во несреќата што се случила при превртувањето на возилото што се движело со голема брзина. Возачот Небот ја преживеа несреќата во Либија со полесни повреди.

  1. Хозе Мануел Перес

Шпанскиот мотоциклист Хозе Мануел Перес беше пренесен во болница во Мавританија по несреќата што ја доживеа во 2005 година.

На Перес му беа отстранети дел од црниот дроб и едниот бубрег како последица на ударите што ги доби при несреќата, а подоцна беше префрлен во болница во Сенегал. Перес, чија состојба продолжи да се влошува, почина неколку часа по лекувањето во болница во Шпанија.

  1. Фабрицио Меони

Пет дена по смртта на Перес почина уште еден мотоциклист на релито Дакар во 2005 година.

Италијанецот Фабрицио Меони, кој ја освои шампионската титула во 2001 и 2002 година, го скрши вратот во несреќата во 11-тата етапа од трката. Италијанскиот мотоциклист, кој по 13. пат учествуваше на ова рели, почина додека се чекаше да пристигне хеликоптерот што требаше да го префрли во болница.

  1. Енди Калдекот

Австралиецот Енди Калдекот почина по несреќата во Мавританија во 2006 година, во трката во која учествуваше наместо повредениот тимски колега, шпанскиот мотоциклист Џорди Дуран.

  1. Елмер Симонс

Елмер Симонс, кој на релито Дакар во 2007 година учествуваше како мотоциклист за тимот во кој беше дел од механичката поддршка во 2005 и 2006 година, не беше свесен дека ова искуство може да резултира со смрт.

Јужноафриканскиот мотоциклист, кој доживеа несреќа во 4-тата етапа што се возеше во Мароко, почина пред да биде префрлен во болница.

  1. Ерик Обижу

Уште еден мотоциклист го загуби својот живот на релито Дакар во 2007 година 11 дена по смртта на Симонс.

Французинот Ерик Обижу, кој во својата кариера по 6-ти пат учествуваше на релито Дакар, почина од срцев удар во претпоследната фаза, на 15 километри од целта во Дакар.

  1. Паскал Тери

Францускиот мотоциклист Паскал Тери, кој за првпат учествуваше на релито Дакар во 2009 година, беше пронајден мртов 3 дена по 2-та етапа.

Се тврдеше дека организаторите биле дезинформирани во врска со смртта на Тери, кој останал без бензин и упатил итен повик за помош. По тврдењата дека Тери по упатениот повик се вратил во кампот, утврдено е дека лицето во кампот за кое станува збор, всушност, било братот на Тери. Три дена подоцна, на 50 метри од моторот пронајдено е мртвото тело на Тери. По извршената аутопсија откриено е акумулирано количество течност во белите дробови на францускиот мотоциклист, по што е утврдено дека причина за неговата смрт е недостаток на кислород.

  1. Хорхе Андрес Мартинес Боеро

Аргентинскиот мотоциклист Хорхе Андрес Мартинез Боеро, кој по вторпат учествуваше на релито Дакар во 2012 година, почина по несреќата до која дојде во неговата земја за време на етапата за отворање на трката.

  1. Томас Буржан

Францускиот мотоциклист Томас Буржан почина удирајќи со мотоциклот во полициско возило, одејќи кон стартната позиција на релито во Чиле во 2013 година.

  1. Ерик Палант

Педесетгодишниот Ерик Палант во 2014 година на релито Дакар учествуваше по 11. пат во својата кариера, а беше пронајден мртов на 143-тиот километар на етапата што се возеше меѓу Чилесито и Тукуман.

Откако не успеа да стигне до целта и не упати повик за помош, организаторите тргнаа во потрага по Палант, пронаоѓајќи го безживотното тело на белгискиот мотоциклист.

  1. Михал Херник

Полскиот мотоциклист Михал Херник почина во третата етапа на релито Дакар 2015 година.

Откако беше прекинат сигналот што го даваше возилото на 39-годишниот Херник, започна потрагата по полскиот мотоциклист, а неговото тело беше пронајдено на 206-тиот километар од 3-та етапа што се возеше меѓу Сан Хуан и Чилесито во Аргентина.

  1. Пауло Гонсалвес

Португалскиот мотоциклист Пауло Гонсалвес, кој на релито Дакар во 2015 година заврши како второпласиран, почина во 7-та етапа од релито во 2020 година во своето 13. учество на ова натпреварување.

Четириесетгодишниот спортист, кој беше пронајден во бессознание и со запрено срце, почина во болницата „Лејла“ каде што беше пренесен со хеликоптер на брзата помош.

  1. Едвин Стравер

Холандскиот мотоциклист Едвин Стравер почина 8 дена по несреќата во трката организирана во 2020 година.

Четириесет и осумгодишниот возач, чие срце застана по несреќата во 11-тата етапа од релито, со хеликоптер на брза помош беше пренесен во Ријад, главниот град на Саудиска Арабија.

Стравер, кој имаше скршеница на вратен пршлен, и покрај сета лекарска интервенција, не успеа да преживее.