Идејата за членство во Европската економска зона која овозможува слободен европски пазар, размена на работна сила и слободен транспорт на стоки, услуги и капитал, според шефот на државата Стево Пендаровски, е прифатлива само доколку биде дополнение и меѓузона кон нашето полноправно членство во Европската Унија.
Претседателот Пендаровски во интервјуто за МИА посочува дека дека Европската економска зона нуди економски можности и не отвора кон заедничкиот европски пазар, но нам не ни треба само економија и профит, туку демократија и политичко искуство.
Шефот на државата минатиот месец на онлајн конференција за Западен Балкан организирана од „Пријателите на Европа” рече дека на земјава ѝ било понудено членство во Европската економска заедница, која била одбиена затоа што, како што додаде, нема друга алтернатива од полноправно членство во ЕУ.
Идејата на земјите од Западен Балкан да им се понуди алтернатива – членство во Европската економска зона, според германскиот весник „Франкфуртер алгемајне цајтунг” (ФАЦ), однови излегува на површина.
Според весникот, актуелизирањето на ваквата идеја ги сведува на минумум реалните шанси на земјите од региот за полноправно членство во ЕУ.
ФАЦ смета дека ЕУ не сака целосно да се одвои од балканското соседство, а преку Договорите за стабилизација и асоцијација на земјите од регионот веќе им понуди меѓускалило кон полноправно членство.
– Рецептот, кој секогаш одново се споменува, гласи: Полноправно членство на балканските држави во Единствениот европски пазар. Со други зборови: целосно економско учество без право на политички глас, наведува ФАЦ.
Во однос на написот во германски ФАЦ, Пендаровски во интервјуто за МИА го нагласува ставот „не ни го ускратувајте членството во ЕУ еден ден како перспектива, кога ќе заслужиме, кога ќе испреговараме. Денес да влеземе во Европската економска зона, но не или-или, туку и-и”.
Шефот на државата посочува дека и Хрватска го минала патот преку Европската економска зона, но земјата никогаш не престанала да преговара со ЕУ и никогаш не и била понудена само првата опција – залченување во ЕЕЗ, како замена за полноправно членство во ЕУ.
Властите, во меѓу време, ги продолжуваат напорите, средбите и лобирањата да се постигне усвојување на преговарачката рамка за членство на земјава во ЕУ.
Шефот на дипломатијата Бујар Османи во интервју за МИА истакна дека во овој период акцент во разговорите со Бугарија ќе се стави на Акцискиот план, на соработката помеѓу секторите и помеѓу линиските министерства, со цел да се создаде амбиент кој во овој период делумно е нарушен.
– Ако ставиме фокус на тој Акциски план ќе создадеме предуслови за решавање на разликите што постојат во однос на преговарачката рамка, вели Османи во интервјуто дадено за време на неговата завчерашна посета на Атина.
Османи нагласи дека за усогласување на преговарачката рамка за членство во Унијата потребен е консензус на сите земји членки на ЕУ и оттука многу се важни комуникацијата и разговорите со нив за да им се објасни нашата позиција.
Прашан дали Грција понудила конкретна иницијатива или помош за отстранување на бугарската блокада, шефот на дипломатијата нагласи дека Атина се гледа како олеснувач на европската перспектива на Западниот Балкан и многу е важно заради нејзиното влијание да ја има таа улога на олеснувач за влез на регионот во Европската Унија, па и во тој контекст да се олесни и патот на земјава.
Османи е оптимист дека ќе продолжи грчката поддршка за усогласување на рамката за ЕУ.
– Во последните месеци додека се разговараше за усогласување на преговарачката рамка и за почетокот на преговорите имаше принципиелна поддршка од Грција и грчката позиција беше јасна дека Република Северна Македонија треба да ја одржи првата меѓувладина конференција и треба да се прифати рамката таква каква што е предложена од страна на Комисијата и тоа мислам дека е важно и очекуваме дека таа поддршка ќе продолжи и понатаму сега во оваа фаза кога работиме за да се усогласи рамката, изјави министерот Османи за МИА.
МИА