Комисијата на САД издаде извештај во кој вели дека Кина извршила злосторства против човештвото и можен геноцид врз Ујгурите и другите муслимански малцински заедници во западната покраина Ксинџијанг, јавува Агенција Анадолија (АА.
„Кинеската Влада намерно работи на уништување на Ујгурите и другите малцински семејства, културата и религиозната приврзаност“, соопшти Конгресно-извршната комисија за Кина (CECC) во годишниот извештај за 2020 година.
Покрај новите докази за систематска и широко распространета политика на принудна стерилизација и сузбивање на раѓање на Ујгури и други малцински популации, постојат половина милион деца на средна и школска возраст, од кои многумина неволно се одвоиле од своите семејства, соопшти Комисијата.
„Сите овие трендови треба да се земаат предвид кога се утврдува дали кинеската Влада е одговорна за извршување злосторства, вклучувајќи и геноцид врз Ујгурите, Казахстанците и другите туркиски и претежно муслимански етнички малцинства во Кина“, се вели во извештајот.
Кина е широко обвинета за ставање на Ујгурите во логори. Околу 1,6 милиони Ујгури ја напуштија Кина и живеат во странство, според Светскиот конгрес на Ујгурите.
Групите за права, вклучително и „Хјуман рајтс воч“ (Human Rights Watch) и „Амнести интернешнл“ (Amnesty International) го обвинуваат Пекинг за угнетување на 12 милиони Ујгури, од кои повеќето се муслимани.
Во извештајот на „Хјуман рајтс воч“ за 2018 година, детално е објавена кампањата на кинеската Влада за „масовно произволно притворање, тортура, присилна политичка индоктринација и масовно набљудување на муслиманите од Ксинџијанг“.
Кина, сепак, постојано ги негира обвинувањата дека води кампови за притворање во нејзиниот северозападен автономен регион, тврдејќи дека наместо тоа, таа ги „превоспитува“ Ујгурите.