Стравот од педагошката интеграција беше политички злоупотребена дека дадени научни дисциплини се укинуваат, тоа е невистинито, истите модуларно се поставени и остануваат како кај нас така и во светот, но интеграцијата по различните теми за да ги видиме резултатите од учење ги исплаши наставниците, изјави министерката за образование и наука Мила Царовска на денешната средба со претставниците на Управниот одбор на ЗЕЛС, како одговор на новинарско прашање што досега е разговарано на дебатите и консултациите за Нацрт –концепцијата.
„Сега како се дообјаснуваме, тој страв се намалува. Дополнително се размислваше да се оди со прво и шесто одделение, но сега и од групата и од другите засегнати страни се смета дека се изгуби одреден период. Дали да се оди само со прво и четврто, да покажеме дека системот може да го издржи овој нов реформски пристап, и во 2022 година одиме со шесто одделение. Но на крајот сите заедно како јавност ќе заклучиме кој е најдобриот модел и како овој концепт ќе се воведува“, рече Царовска, која додаде дека тета – тет дебатите се интезивираат, додека конструктивните писмени коментари може да се достават до МОН до 20 ти месецов.
„Досега течеа интезивни координации со сите засегнати страни, ја интезивираме дебатата со физичко присуство во наредниот период со наставниците, директорите, со претставници на МАНУ, меѓународни и граѓански организации се со цел сите кои што имаат одреден коментар да го дадат. Освен сите кои што досега се засегнати имаат можност на соодветниот меил објавен на веб страницата на МОН да испратат и писмени коментари“, вели Царовска.
Заклучокот од денешната средба помеѓу Управниот одбор ЗЕЛС и Министерката за образование и наука е дека општините се институциите кои го спроведуваат образовниот процес на терен и дека е инклузивен процес во кој ќе бидат опфатени сите страни.
„Би сакал оваа дебата да се одвива на начин што луѓето ќе се запознаат со содржината на концептот, а потоа да ги даваме личните оценки, проценки и на целокупниот систем. Она шо им го должиме на граѓаните е конечно да ја извадиме политиката од образованието и мислам дека и оваа и како сите многу други теми премногу се политизира во јавноста“, изјави градоначалникот на Град Скопје и претседател на ЗЕЛС, Петре Шилегов.
Г.Д