Заврши средбата со Хоџа: Договорено е да се преземат и договорените количини и вишоците на тутун – ММС
ММС

Објавено на: 01/13/21 3:10 PM

Заврши средбата со Хоџа: Договорено е да се преземат и договорените количини и вишоците на тутун

Тутунски комбинат ќе ги преземе договорните обврски на компанијата „Далија табак“ која не обезбеди средства за да ја откупи количината од 450 тони тутун, за што веќе се договорила со тутунарите. Ова го соопшти министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Арјанит Хоџа по денешната средба со претставниците на Иницијативниот одбор на незадоволните тутунари, Сојузот на здруженија на тутунопроизводители и на откупните компании.

Во изјавата за медиумите по средбата тој нагласи дневно се откупуваат околу 700 тони тутун, прогнозирајќи дека сезонава ќе се испочитува законскиот рок за откуп на реколтата.

„Доколку се појави потреба за продолжување на рокот ќе се направи и законска измена за тој да се одложи за две до четири недели. Важно е дека сите откупувачи покажаа подготовеност за да го откупат тутунот кој е вишок, односно онаа количина што е надвор од договорената. Имавме лоша сезона во однос на квалитетот, но сепак успеавме да ја спасиме ситуацијата. Се разбира за тоа не се виновни ниту тутунопроизводителите ниту ние, но временските услови се такви какви што се“, истакна министерот.

Тој рече дека нема точна информација колку тони на тутун се вишок, но рече дека таа количина ќе може да се пријави во подрачните единици на Министерството.

Претседателот на Сојузот на тутунските здруженија, Менде Стомнароски потврди дека има приближување на ставовите.

„На денешната средба се договоривме пунктовите да работат до законскиот рок, а ако има потреба да продолжат и понатаму. Сите компании кажаа дека вагите ќе бидат отворени додека да се преземе сиот тутун. Оваа динамика на откуп ќе се зголеми“, најави Стомнароски.

„Сите тутунопроизводители кои имаат вишок тутун ќе може да одат во подрачните единици и да кажат колку вишок тутун имаат, но и да информираат каде имаат договор по што ќе седнеме со откупувачите и ќе се донесе одлука која компанија колку ќе преземе“, објасни тој.

Ова се однесува и за тутунарите кои немаат договори, кои според договореното на средбата, исто така ќе тие треба да се пријават во подрачните единици за да се најде решение и за нив.

Инаку, реколтата годинава е околу 23.000 тони. Проблемите со откупот почнаа веднаш, а тутунарите во неколку наврати протестираа, незадоволни од проценката и одбитоците.  Одговарајќи на новинарско прашање дали протестите ќе бидат ставени во мирување, Стомнароски попладнево изјави дека бараат што побргу да се реши маката на тутунарите, но доколку се отстапи од она што е договорено ќе се преземат активности во рамките на законот.

Ланската реколта која важеше за една од досега најдобрите, заврши со откупени 26.000 тони тутун со просечна цена 220 денари.