Регулаторна комисија предлага минимална и максимална просечна тарифа за цената на вода, а која цена ќе ја избере е одлука на Јавното комуналното комунално претпријтие, во овој случај ЈКП „Исар”-Штип, кое Предлог одлуката ја доставува до Советот на Општина Штип, посочи за МИА, претседалот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимоски.
– Сакам да потенцирам дека Регулаторна комисија предлог одлуката ја има доставено до ЈКП „Исар” и нивно е дали ќе ја прифатат или не. Одлуката за зголемување на цената на водата за пиење за наредните три години ја донесува Советот на Општина Штип. Во нашата одлука максималната цена е пониска од цената којашто ја побарале од ЈКП „Исар”. За домаќинства ЈКП „Исар” побарале 46,68 денари, а минимална според нас може да биде иста како и сегашната, а максималната 46,39 денари, вели Бислимоски.
Тој забележа дека од ЈКП „Исар” имале барање за зголемување на цената на отпадните води, но Регулаторна комисија предложила да се намали. Бислимоски потенцираше дека вакви тригодишни предлози за цената на водата за пиење добиле сите општини, кои имаат над 10.000 жители.