Апасиев ќе бара 30.000 евра отштета поради незаконско следење на лични комуникации – ММС
ММС

Објавено на: 01/12/21 12:38 PM

Апасиев ќе бара 30.000 евра отштета поради незаконско следење на лични комуникации

Во својство на оштетен, претседателот на Левица, Димитар Апасиев, вчера на покана на Основниот кривичен суд – Скопје доставил писмена изјава во врска со незаконското следење на лични комуникации.

Апасиев информира дека станува збор за кривичниот предмет КОК бр.47/17, во јавноста познат како „Таргет – Тврдина“.

„Со оглед дека од т.н. Специјално јавно обвинителство (СЈО) добив потврда за незаконското следење на моите комуникации, го известувам Судот дека се чуствувам за оштетен поради незаконско следење, т.е. прислушкување на моите телефонски разговори за подолг период“, стои во изјавата на Апасиев.

Во изјавата за поднесување на оштетен, Апасиев напишал дека се приклучува кон кривичниот прогон против обвинетите лица и предјавува оштетно побарување апроксимативно од околу 30.000 евра во денарска противвредност, кое ќе го реализира во граѓанска парнична постапка.

Исто така, доколку по постапката пред Судот се утврди одговорност и на давателот на телекомуникациските услуги (ONE/VIP/A1), чиј корисник е Апасиев, и врз кој телефонски број незаконски е применета посебна истражна мерка за илегално следење на лични комуникации, тој предјавува оштетно побарување и од компанијата за штетата што ја има претрпено.