(ФОТО) „Го гледам Герет Бејл низ мојот прозорец“ – ММС
ММС

Објавено на: 01/11/21 8:27 PM

(ФОТО) „Го гледам Герет Бејл низ мојот прозорец“

Од „ножички“ против Ливерпул во финалето на Лигата на Шампионите, до резерва на мечот против малиот седмолигаш од Ливерпул во ФА Купот. Кариерата на Герет Бејл во изминатите неколку години навистина доживеа стрмоглав пад, но тоа што за него претставува своевидно назадување во кариерата, за некого претставува вистинско фудбалско задоволство.

Убавината во најстарото клупско натпреварување во земјата која ја измислила фудбалската игра, особено во почетната фаза кога играат буквално сите клубови во Англија е незаменлива. Фанови искачени на дрвја, соблекувални помали од ормарот на некој си Хари Кејн, играчот на противниците појадува сендвич, „Инстаграмџии“ и ТВ водители ги остваруваат своите соништа (последниот пример од натпреварот Кроули-Лидс).

А да. И седење во својот дом во овие зимски врнежливи денови и поглед од прозорецот на Герет Бејл. Премиерлигашот Тотенхем како прв опонент во кампањата 2020/21 во ФА Купот го доби седмолигашот од Мерсисајд, Ливерпул, Марин. Клубот е формиран во 1894 година и во моментот игра во Northern Premier League Division One North West, што му доаѓа седмо по ранг клупско натпреварување во Англија.

На домашен терен фаворитот Тотенхем очекувано го совлада Марин со 0:5, но она што остави впечаток не се петте голови на тимот на Жозе Мурињо, туку атмосферата и опкружувањето на и околу стадионот. Од предвидените 5.000 онлајн билети за мечот, продадени биле повеќе од 20.000, картонска фигура на Јурген Клоп исто така присуствуваше на спектаклот, а некои фанови пак…некои фанови седејќи на фотелја имаа привилегија да го гледаат поранешниот фудбалер на Реал Мадрид и велшки репрезентативец од два метри оддалеченост.

Среќникот со име Кристофер на социјалната мрежа „Твитер“ објави фотографија како Герет Бејл го прави она што најдобро го знае токму пред неговиот дом.

Магијата на ФА Купот победува уште еднаш. За фановите на малиот ливерпулски клуб оваа вечер долго ќе се памети.

 

 

 

 

Фото:

Twitter / @Cmcm1991

football.london

teamtalk.com