(ФОТО+ВИДЕО) Критични водостоите во кумановско, поплавен „АСНОМ“ – ММС
ММС

Објавено на: 01/11/21 2:08 PM

(ФОТО+ВИДЕО) Критични водостоите во кумановско, поплавен „АСНОМ“

Голем дел од водостоите во кумановскиот крај се на критично ниво поради обилните врнежи од дожд во текот на изминатите денови, а наместа реките Пчиња и Крива река се веќе излеани.

Реката Пчиња е излеана во атарот на селото Пелинце, каде е поплавен излетничкиот парк на Меморијалниот центар „АСНОМ“.

– Речното корито е уредено во 2018-та година со 60 метри ширина. Пред 2018-та година и при мали врнежи беше поплавуван центарот. Во моментов има мало излевање. Се препорачува на Општина Куманово да излезе на терен со механизација за заштита на центарот, вели Оливер Илиевски, директор на АД „Водостопанство Куманвско – липковско поле“ чии екипи се на терен.

Мостот над меморијален центар Пелинце не е во опасност, но водостојот и таму е на критично ниво.

Екипите интервенираат и во селото Пчиња каде е излеана истоимената река.

– Се трудиме да го заштитиме населението и мостот. Во изминатото деноноќие повторно има големи врнежи во Крива Паланка и Козјак со што се очекува нивото на Пчиња и Крива Река уште да се зголеми. Апелирам да се вклучат и другите институции за да ги заштитиме граѓаните, вели директорот Оливер Илиевски.

Речното корито на Пчиња во селото Стрновац како што информира Илиевски е уредено во 2018-та година, проширено 40 метри и продлабочено 1 метар во должина од 3 км. Во моментот нема излевање на овој потег, но водостојот е на критично ниво.

На критично ниво, но без излевања е водостојот кај мостот во селото Драгоманце, но и во селото Коинце. Речните корита на овој потег се исчистени во 2019 година, информираше Илиевски.

Засега нема опасносст за излевање на речните корита на Којнарка и Липковка, со оглед дека нивните речни корита се уредени минатата година.

Никола Ивановски