Новиот пат и пешачката зона кон тетовско Бањиче донесоа и нови ерозивни процеси – ММС
ММС

Објавено на: 01/11/21 10:48 AM

Новиот пат и пешачката зона кон тетовско Бањиче донесоа и нови ерозивни процеси

После неколкудневните поројни дождови во Тетовско, над патот кој води кон рекреативното место Бањиче се појавија неколку свлечишта. Еден потпорен ѕид е речиси целосно навален, а одрони од карпи камења земја и кал постојано паѓаат на коловозот.

Но ова не е првпат да има ерозии на земјата, откако овој патен правец е целосно реконструиран пред две години, а се изгради и пешачка зона.

Пределот кој води кон рекреативното место Бањиче можеби е единствениот во градот за одмор и рекрација. Но само кога земјата е сува или овој регион не го зафатиле врнежи. Во спротивно како оваа недела кога непрекинато врне, граѓаните избегнуваат да ја користат пешачката патека и патниот правец, затоа што како што велат е ризичен.

-Го користам овој предел за одмор и рекреација скоро секој ден. Но сега денес иако врнеше по малку, решив малку да пропешачам и гледам пак ерозивни процеси. Сега малку ќе паузирам, затоа што додека се движев имаше лизгање на земјиштето. Уште кога го правеа патот механизација ја уриваше планината заради проширување на коловозот и знаевме дека ќе се случи ова што денес го гледаме, рече еден тетовец кој често го користи рекреативното место Бањиче за одмор и рекреација.

Патот кон рекреативното место Бањиче започна да се реконструира пред 6 години. Поставен е нов асфалт, тротоар и улично осветлување.Уште кога се изведуваат градежните работи, геолозите предупредуваа дека изведувачот има одредени пропусти во работата.

-Патот се проширува на сметка на планината. Таа се урива, но се урива не со благи косини туку со стрмни косини. Значи буквално се сече планината. Тоа ќе создаде нестабилен терен и ќе има ерозии при секој пороен дожд. Ќе треба да се интервенира со потпорни ѕидови и слично. Но сепак на ваков терен планински нормално е и да има одредени свлечишта се додека не се стабилизира земјата односно се додека не си најде свое ново лежиште, рече геологот Усен Багашов за време на реконструкцијата на патот.

Од Општина Тетово во неколку наврати имаа истакнато дека ќе преземат сериозни мерки за запирање на свлечиштата, но досега на терен немаа преземено никакви дејствија.

Агрономите од тетовско со години алармираа и предупредуваа за поголема контрола на теренот и воведување на методи за намалување на свлечиштата на ризичните места. Според нив треба долж патот да се засадат дрвја со големи корени, кои во иднина ќе ги спречат ерозивните процеси.

И не само ерозивните процеси кои носат ризик и страв и го попречуваат нормалното движење кон рекреативното место Бањиче, неквалитетната изградба на делницата како што кажуваат експертите, како што може да се види од приложените фотографии придонесе за оштетување на дел од коловозот како и пешачката зона кон овој преубав предел.

(З.Д.)