Редовното консумирање лешници го продолжува животниот век за 20 проценти. Лешникот е храна за мозокот, го зголемува имунитетот, позитивно дејствува на кожата, коските, срцето, а помага и за одржување на физичката и менталната кондиција. Токму поради делотворните својства на лешникот, Бошко Нелкоски добил идеја за почнување семеен бизнис. Најпрво младиот Нелкоски од струшкото село Драслајца почнал со насади од лешници, а потоа воден од светските трендови се насочува и кон нивна преработка. Најбитен дел во производството му е квалитетот. Секој лешник се прегледува рачно за поголема сигурност и безбедност.
За тоа дека лешникот е храна за умот, говори и легендата од прадедото на Бошко, Спасе, од каде што ја добива и идејата за брендот ЗАУМ.
– Дедо Спасе беше човек што го пропатувал целиот свет, но копнежот по родниот крај го вратил во Драслајца. Тој во својата градина меѓу другите дрвја имал и пет лески, кои му биле омилени. Авантурите од неговите патувања до доцна во ноќите им ги раскажувал на своите соселани. И често знаел да каже дека лешникот му го чува умот, затоа и ги паметел и ги раскажувал доживувањата. Велел дека лешник јаде за ум. Од приказната што во семејството се пренесува повеќе од 150 години ја добивме идејата за брендот ЗАУМ, истакна Бошко, правнукот на дедо Спасе.
Легендата за дедо Спасе е пренесена и на пакувањата од лешници.
Одгледувањето лешници и нивното консумирање повеќе од еден век е традиција во семејството Нелкоски. Бошко вели дека лешниковите дрвја имале традиција во семејството од околу 120 години. Лешникот го употребувале како свежа храна, но го додавале и во ракија, во леб, како и во друга храна.
Приказната на „Нелкоски органик” почнува пред 10-тина години, кога Бошко ги засадил првите насади на површина од пет хектари. Првично идејата била да произведува, односно да продава сиров лешник, но по престојот во странство, кога видел дека многу се користат производи од лешник, почнал консултации со експерти за проширување на бизнисот. Покрај свеж и печен лешник, прв производ во палетата бил 100-процентниот путер од лешник, а сега прави и лешник со мед, чоконамаз и лешник со мед и какао. За да ја искористи делотворната моќ на лешникот, Бошко за брзо планира да почне со производство и на козметика и пијалаци.
Сега има два погони, едниот е за првична преработка, а вториот за фина обработка, како и површина од 11 хектари со лешници, кои ги исполнуваат сите стандарди за органско производство.
– Побаравме помош од Холандската амбасада во Скопје, добивме експерт, кој дојде и ни помогна како да се развива лешникарството и што можеме да направиме со продуктите.
Имавме посета и во Холандија и видовме дека путерот од лешник е секојдневно на нивната трпеза и е многу полезен пред сè за здравјето, за умот, за спортисти, се наврати Нелкоски на почетоците.
Поради сè поголемиот интерес за органски производи, набргу почнал да го трансформира земјиштето од конвенционално во органско и од 2015 година е целосно органско.
– Како индивидуален земјоделец, многу тешко се функционира со продажба, па затоа направивме компанија, „Нелкоски органик фуд”, која почна со прочистување и кршење на лешникот, како и негова делумна преработка, вели Бошко.
Производите ги исполнуваат сите стандарди за органско производство. Компанијата „Нелкоски органик” освен ХАСАП поседува и дел од европските стандарди, како ИСО 22000, ИФС, ЕУ-органик, ХАЛАЛ и Биосвис за швајцарскиот пазар. За производство на нивните путери ги избираат најдобрите лешници, а потоа ги обработуваат со посебно внимание и љубов.
Минатата година „Нелкоски органик” произвеле седум-осум тони лешници и нивни преработки, а годинава тоа било двојно зголемено, односно очекува околу 15 тони.
MИА
ТУРЦИЈА ЛАНИ ОД ИЗВОЗ НА ЛЕШНИЦИ ЗАРАБОТИ ДВЕ МИЛИЈАРДИ ДОЛАРИ
Турција, најголемиот светски извозник на лешници, оствари приходи од 732,8 милиони долари од извоз на лешници меѓу септември и декември минатата година, пренесува Анадолија (АА).
Според податоците на Здружението за извоз на лешници и производи од регионот на Црното Море, бројката за четиримесечниот период паднала за 32,7 отсто во однос на истиот период претходната година.
Околу 70 отсто од лешниците од Турција во период септември-декември се извезени во земјите членки на ЕУ.
Во земјите на ЕУ во тој период се извезени околу 75.200 тони лешници во вредност од 515,9 милиони долари.
Турција во 2020 година извезе вкупно 280.924 тони лешници, со што оствари приходи од речиси две милијарди долари.
Република Турција во текот на 2019 година заработи околу 2,3 милијарди долари од извоз на лешници низ светот. Од таа земја во 2019 година се извезени околу 319.772 тони лешници, што е најмногу во историјата на Турција кога станува збор за извоз на лешници.
Од Здружението на извозници на лешници и производи од регионот на Црното Море порачаа дека овој успех никако не е случајност, бидејќи турските бизнисмени напорно работат за да ја задоволат енормната побарувачка за лешници на светските пазари.
Последните години посебно се зголеми извозот на лешници од Турција на кинескиот пазар.