Здружението на тезги при ТЦ „Глобал” во Струмица ги повика политичките партии да не го користат пожарот во „Глобал” за да добиваат поени кај своите симпатизери и активисти, бидејќи со тоа не им помагаат на погодените од пожарот.
Доколку сакаат да покажат со прст кон виновникот за настанот, посочуваат, замолуваме да ги почекаат резултатите од истрагата која е започната и институциите да го кажат тоа.
Ѓорги Никовски од Здружението вели дека сакаат да укажат дека политичките препукувања не се потребни во овој момент.
-Не треба да се долева бензин на огнот кој беснееше и кој беше изгнаснат. Ни треба солидарност и сплотеност во овој момент за да може сите заедно повторно да го изградиме нашето работно место, рече Никовски.
Додаде дека „Глобал” бил и ќе биде пазар каде се нуди производот од маката и трудот на земјоделците и нема да дозволат да биде политички пазар, посебно во моменти кога им е загрозено парчето леб и е потребна санација и повторно пуштање во употреба.
Во пожарот, кој избувна минатата сабота во 23:12 часот, изгоре една третина од Градскиот пазар, повеќе продавници на приземјето и првиот кат, дел од вториот, а урнат е и дел од покривот.