Редакцијата за емисии на влашки јазик при Македонската телевизија денеска одбележува 30 години од формирањето. Оваа редакција ја промовира културата и традицијата на влашкиот народ, издавањето на книги на писатели и поети Власи, а третира и теми и настани поврзани со животот на Власите.
Првата емисија, како што информираат од Редакцијата на влашки јазик, е емитувана на 9.01.1991 година во 19:15 часот и траела само 15 минути. На почетокот се емитувала еднаш неделно, па три пати неделно по 30 минути и една месечна од 60 минути, а од 16 април 2020 година, емисијата Scãnteaua (Искра) се емитува секој ден, во три термина, во траење од по 30 минути.
– Голем број на новинари работеа во оваа Редакција, меѓи кои и Љупчо Зиков и Столе Наумов. Во моментов, емисиите ги подготвуваат: Јана Михаилова-уредник и Љубица Горгиева-новинар, велат од МТВ. Пионерите на новинарството на влашки јазик во нашата држава очекуваат, со зголемувањето на бројот на емисите да се зголеми и бројот на вработените за да можат целосно да одговорат на очекувањата на гледачите, велат од Редакцијата на влашки јазик.
Оценуваат дека е огромна улогата на оваа редакција во зачувувањето и промовирањето на влашкиот јазик.