Студија: Вакцината на „Фајзер“/„БајоНТех“ штити против мутираната варијанта на коронавирусот – ММС
ММС

Објавено на: 01/8/21 6:51 PM

Студија: Вакцината на „Фајзер“/„БајоНТех“ штити против мутираната варијанта на коронавирусот

Вакцината против Ковид-19 развиена од американската фармацевтска компанија „Фајзер“ и нејзиниот германски партнер „БајоНТех“ штити од мутацијата пронајдена во две високо преносливи варијанти на коронавирусот, јавува aгенцијаta Анадолија (АА).

Според студијата објавена вчера, научниците користеле примероци на крв од 20 лица земени две до четири недели откако ја примиле вакцината на „Фајзер“/„БајоНТех“ за да ја испитаат мутацијата N501Y откриена во Велика Британија и Јужна Африка.

Откриено е дека антителата на овие луѓе успешно се бореле против мутацијата, се наведува во студијата спроведена од Медицинскиот отсек при Универзитетот на Тексас во Галвестон со поддршка на „Фајзер“ и „БајоНТех“.

„Овие варијанти имаат повеќе мутации во нивните С-гликопротеини, кои се клучни цели на антителата кои го неутрализираат вирусот“, се вели во студијата.

Научниците исто така откриле и дека вакцината е ефикасна против 15 можни мутации на вирусот. Сепак, E484K, друга мутација пронајдена во Јужна Африка, не беше меѓу тестираните мутации.

Неодамна, д-р Ентони Фаучи, висок експерт за заразни болести во САД, соопшти дека вакцините се дизајнирани да препознаваат повеќе делови од спајк-протеинот, со што е мала веројатноста дека една мутација би била доволна да ги блокира.

Според податоците на Универзитетот „Џонс Хопкинс“, САД сè уште се на врвот според бројот на заразени и починати лица. Последните податоци покажуваат дека досега се откриени над 21,5 милиони случаи на вирусот и над 365.000 смртни случаи.​​​​​​​